Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информира дека се идентификувани и е завршена обдукцијата на сите 59 починати лица од трагичниот настан во Кочани. При пожарот, како што посочи, со повреди се здобиле 196 лица, од кои 20 се деца.
„Во однос на 59 починати лица, сакам да истакнам дека сите се идентификувани, и на 18.03.2025 година е завршена обдукцијата за сите. При пожарот, со повреди се здобиле 196 лица, од кои 20 деца“, рече Тошковски на денешната прес-конференција.
Тој информира дека во моментот 93 повредени се на лекување во скопските болници, а 80 се транспортирани во странство и тоа Србија, Бугарија, Турција, Грција, Австрија, Литванија, Словенија, Унгарија и Хрватска.