Зеленски: Путин се преправа дека сака мир, со поставување непотребни барања само ја продолжува војната 

ЕУ не треба да потпаѓа на руската „измама“, затоа што претседателот на Русија, Владимир Путин само се преправа дека сака прекин на огнот, а всушност го прави спротивното, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео обраќањето на денешниот Самит на ЕУ во Брисел. 

„Путин мора да престане да поставува непотребни барања, кои само ја продолжуваат војната и мора да почне да го исполнува она што му го ветува на светот. Досега можеше да има повеќе од една недела без убиства, без напади и без оган, ако Путин не беше единствениот што ја одржува оваа војна“, нагласи Зеленски, апелирајќи за продолжување на притисокот врз Русија со цел да се реализираат предлозите усогласени на средбата на американските и украинските претставници на средбата во Џеда на 11 март. 

Според Зеленски, санкциите против Русија мора да продолжат се додека руските сили не почнат да се повлекуваат од Украина и додека Москва целосно не ја надомести штетата предизвикана од нејзината агресија. 

„Продолжете да се борите против шемите за заобиколување на санкциите и обидите на Русија да ги финансира своите воени напори“, им порача Зеленски на европските лидери. 

Тој ги повика лидерите и да најдат начин да го направат процесот на носење одлуки побрз, пофлексибилен и поефективен, осврнувајќи се на ветото на Унгарија за отворање на преговорите за пристапување на Украина во ЕУ.

„Непријатно е да се каже, но потребен е одреден притисок во самата Европа за да се осигура дека се што е ветено навистина ќе се случи. Зборувам за преговорите за членство на Украина во ЕУ и за решавање на некои прашања од суштинско значење за европското единство. Едноставно е антиевропски кога еден човек блокира одлуки важни за целиот континент или кои се веќе договорени. Украина ги исполни условите, но во моментов има сериозни тешкотии во отворањето на првиот и другите преговарачки кластери за пристапување во ЕУ“, додаде Зеленски. 

Тој оцени и дека европските напори кои треба да донесат поголема безбедност и мир, исто така, постојано се попречуваат.

„Мислам дека тоа не е правилно. Европа мора да има начин да ги спречи поединечните учесници да го блокираат она што е неопходно за сите. Ако кажеме дека Европа мора да биде посилна наспроти глобалната конкуренција, тогаш треба да зборуваме и за побрз, пофлексибилен, поефикасен европскиот процес на донесување одлуки, без разлика дали се работи за политика, одбрана, економија, индустрија или која било друга област. На Европа и треба брзина во одлучувањето и конкретни механизми за да се заштити од непотребните блокади“, истакна Зеленски.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го блокираше стартот на преговорите за членство на Украина во ЕУ по кластери, како и заклучоците за поддршка на земјата на специјалниот Европски совет, одржан на 3 март. И на денешниот Самит, лидерите не успеаја да постигнат консензус околу предлог заклучоците за Украина, поради како што информираа дипломатски извори, „Орбан одбил да го поддржи текстот“.   

Украинскиот претседател изрази благодарност за континуираната поддршка на ЕУ за неговата земја, посочувајќи дека во сите разговори го покренува прашањето за учество на Унијата во мировните преговори. 

„Европа мора секогаш да биде на маса во дискусиите за сопствената безбедност. Мора да бидеме единствени за сите европски прашања. Разговаравме за ова во Џеда и секогаш разговараме со сите наши партнери – Европа е вклучена во дипломатијата“, истакна Зеленски, додавајќи дека Европејците мора да бидат што е можно поефикасни околу безбедносните гаранции и што е можно побрзи. 

Зачлени се на нашиот е-билтен