Зеленски: Украина е отворена за преговори за територијата, има еден услов


Украинскиот претседател Володимир Зеленски посочи дека Украина би била подготвена да разговара за територијални отстапки како дел од мировните преговори.

Во разговор со новинари во Киев, тој рече дека Украина ќе биде подготвена „да разговара за територијални прашања, но само со целосен и безусловен прекин на огнот“.

„Целосно и безусловно примирје отвора можност да се разговара за сè“, рече тој, како што објави Би-Би-Си.

„Она што го кажува претседателот Трамп е точно и се согласувам со него дека денес немаме доволно оружје за да ја вратиме контролата врз Кримскиот полуостров“, рече тој.

Претходно, официјални лица во Киев ја отфрлија можноста за територијални отстапки во замена за мир со Русија.

Доналд Трамп во интервју за списанието „Тајм“, објавено денес, изјави дека „Крим ќе остане руски“, но украинскиот претседател потоа повтори дека Крим ѝ припаѓа на Украина.

„Нашиот став не е променет – само украинскиот народ има право да одлучи кои територии се украински“, изјави Зеленски пред новинарите во Киев.

„Уставот на Украина наведува дека сите привремено окупирани територии… припаѓаат на Украина, на украинскиот народ“, додаде тој.

Зачлени се на нашиот е-билтен