Зголемен број на случаи на грип, но и заболувања слични на грип

Во текот на четвртата недела од 2025 година, во државава пријавени се 1.878 случаи на групни пријави за заболени од грип – заболувања слични на грипот. Тоа претставува за 33 отсто повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со четвртата недела од минатата сезона е зголемен за 2,4 проценти, а во споредба со бројот за четвртата недела од типичната епидемиска крива, моделирана од последните 14 сезони, зголемен е за 10,2 отсто. Пријавената инциденца е над неделната граница на средна активност на вирусот на грип, информираат попладнево од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Во однос на возрасната дистрибуција, 1 066 лица се на возраст од 15 до 64 години. Деца се 349, на возраст од пет до 14 години. Додека, 325 од новозаболените се деца на возраст до четири години. Регистрирани се 138 лица на возраст над 65 години

Заболените се пријавени од 29 ЦЈЗ/ПЕ, од Скопје – 581, Кавадарци – 219, Куманово – 167, Струмица – 162, Штип – 106, а во останатите, бројот на заболени е помал или еднаков на сто.

Во шест извештајни единици што пријавија случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска, во 10 – сезонска, во осум – средна, во Крушево, Свети Николе, Кратово – висока, а Кавадарци, Дебар – многу висока активност на вирусот на грип.

– Се забележува зголемување на бројот на заболувања слични на грип, што е над неделната граница за средна активност. Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца покажуваат дека има широка географска активност на вирусот на грип. Процентот на позитивност е над границата од 10 отсто три недели со ред. Согласно овие податоци, Република Северна Македонија има среден интензитет на вирусот на грип, заклучуваат од ИЈЗ.

Зачлени се на нашиот е-билтен