САД нема да ги паузираат царините, рече Доналд Трамп, обраќајќи им се вчера на избраните новинари во Овалната соба, за време на средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Не го разгледуваме тоа“, потврди тој.
Американскиот претседател рече дека многу земји преговарале со Вашингтон и дека ќе се обиде да постигне „фер договори“ со секоја од нив.
Трамп рече дека САД имаат долг од 36 трилиони долари „со причина“ и дека неговата администрација ќе разговара со многу земји, вклучително и Кина, за да го поправат тоа.
„Ќе постигнеме фер договори со секоја земја и ако не го сториме тоа, тие нема да можат да соработуваат со САД“, додаде тој.
Тој, исто така, рече дека САД „се измамени од многу земји во текот на годините“.
„Не можеме повеќе да го правиме тоа. Не можеме повеќе да бидеме тие глупави луѓе“, заклучил тој.
Трамп вели дека САД „постигнуваат огромен напредок со многу земји“ за царините.
Земјите кои, според него, „навистина ги експлоатирале САД“ сега велат: „Ве молам, ајде да преговараме“, им рече тој на новинарите.
Тој нагласи дека ова е „единствената можност“ што ја имаат овие земји да ги ресетираат трговските односи и дека ќе заврши „неверојатно добро“.
Трамп додаде дека сето тоа ќе помогне повторно да се отворат фабриките во Америка и да се зајакне економијата.
„Веќе не се грижиме за нашите непријатели, туку ќе се грижиме за нашите пријатели“, заклучи тој.
Зборувајќи за ЕУ, Трамп рече: „Таа е формирана за да им наштети на САД. Земјите се здружија за да создадат нешто како монопол – обединета сила против САД во однос на трговијата“.