За Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) неприфатливи се политички калкулации при изборот на нови членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).
Оттаму изразија загриженост откако претходно во текот на денот (29 јануари) собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата утврди предлог-одлука за избор на нови членови на АВМУ.
„Загрижува фактот што дел од избраните кандидати на кои им беше дадена можност да учествуваат на јавната расправа не ги исполнуваат ниту формалните услови според објавениот оглас. Воедно проблематична е и партиската заднина на дел од кандидатите што се предлагаат за гласање во Собранието. Во исто време не се земени предвид кандидати кои имаа извонредно професионално портфолио“, реагираат од ЗНМ.