Премиерот Христијан Мицкоски денеска се пофали дека овозможил граѓаните од Куманово до Крива Паланка да патуваат по експресен пат само за 40 минути.
Мицкоски и директорот на ЈП за Државни патишта, Коце Трајановски , пуштајќи го патот едногласно и сложно нагалсија дека патот бил прв капитален проект на Владата кој е завршен за шест месеци и им се заблагодари на сите кои деноноќно учествувале во изградбата.
Од опозициската СДСМ реагираа дека овој проект не бил целосно завршен само поради блокадите од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Над 90% од патот Страцин-Крива Паланка беше завршен во време на СДСМ, ДПМНЕ се кити со туѓи перја. Освен китењето со туѓи перја ДПМНЕ денеска покажа и големо лицемерие. Проектот за експресниот пат Страцин – Крива Паланка беше почнат во 2018 година и над 90% беше завршен до првата половина на 2024 година, во време на СДСМ. Да не беа блокадите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ овој пат можеше многу порано да се заврши уште во 2024 година. Тогашниот претседателот на Комисијата за финансирање и буџет Бојан Стојаноски од ДПМНЕ со месеци го кочеше Предлог на законот за грантот вреден 14 милиони евра, кој беше потребен за завршување на овој експресен пат. Мицкоски, Николовски и Трајановски го покажаа лицемерието на ДПМНЕ, го кочеа овој проект како опозиција а денеска се китат со туѓи перја“, пишува во соопштението на СДСМ.
Според опозициската партија благодарение на СДСМ граѓаните на Крива Паланка и североисточниот регион го добиваат најголемиот капитален проект од независноста до денеска, вреден 94 милиони евра и многу значаен за економскиот развој, трговијата и туризмот.
Експресниот пат Крива Паланка – Страцин е во должина од дваесет и пет и пол километри, и е дел од Коридорот 8 кој го поврзува Јадранското со Црното море денес беше свечено пуштен во употреба.
Со овој експресен пат се подобрува патниот транспорт и транзитот на стоки и услуги кон Бугарија и речиси двојно се скратува времетраењето на патување на граѓаните од овој дел од државата.
Над 90% од патот Страцин-Крива Паланка беше завршен во време на СДСМ, ДПМНЕ се кити со туѓи перја