Од 1994 година до 2013 година од Македонија се иселиле од 450 000 до 630 000 лица, или помеѓу 20 и 30 проценти од вкупното население, од кои повеќето се млади луѓе. Ова се наведува во второто издание на публикацијата „Млади, миграции и образование“ изработена од страна на професорот Страшко Стојановски, и асистентите Ана Панева и Кристијан Панев при Правниот факултет на Универзитетот Гоце Делчев Штип.
„Се обидуваме преку ваквите истражувања барем да го проблематизираме прашањето на иселувањето на младите кое секогаш е актуелно и е клучно за развојот на државата. Ние препорачавме да се направи мапирање на миграции на младите, односно да се види во кој регион, до кој степен се иселуваат и која категорија на население се иселува. Исто така, важно е да се види во кој региони од светот се иселуваат луѓето, со кои компетенции се стекнуваат во другите држави и кои се изгледите тие повторно да се вратат во државата“, вели професорот Стојановски.
Според него, иако се намалува перцепцијата за иселување на младите, се уште Македонија е над регионалниот просек, а тоа значи на ниво на Југоисточна Европа.
„Бројката беше 77 проценти, а сега е 58. Иако има тенденција на намалување,сепак, и сегашната бројка не е мала. Младите мора да се вклучат во процесот на донесување одлуки, не само за одлуки кои ги тангираат нив, туку за сите прашања. За да се спречи ова, нужно е да се направи суштинска децентрализација во државата. Општините мора да зајакнат затоа што тие се есенцијалниот фактор кој контактира со самите граѓани. Кај нив се адресираат проблемите, тие треба да ги нудат решенијата и треба да се однесува не само на ингеренциите, туку и суштинска, фискална децентрализација“, објаснува тој.
Публикациите „Млади, миграции и образование“ и „Непланираното дете на Европа, Македонија како дел од источното прашање во 19 век и западните евроатлански политики во 21 век“ беа промовирани денес на УГД.
Фокусот на публикацијата „Млади, миграции и образование“ се причините за иселувањето на младите од државата, мотивацијата на средношколците за запишување во високообразовните институции во РМ, но и мотивацијата на студентите за продолжување на нивното образование во рамките на универзитетите во коишто веќе студираат и користењето на можноста за студентска мобилност.
Во истражувањето кое било направено минатата година на примерок од 1093 средношколци од трета и четврта година на образование се покажало дека повеќето млади би сакале да заминат од државата, односно размислуваат да мигрираат и да работат надвор од државата.
Иако постои намалување на процентот на млади кои би сакале да заминат во друга држава, сепак бројките и натаму се огромни.
Во однос на причините за иселување, 31 процент од нив го прават тоа поради заработувачка иако и овде постои опаѓање каде процентот во 2014 бил 57 проценти. Дури 20 проценти од нив би заминале од државата поради туристички патувања. Бројката во 2014 година пак била 15 проценти. Најпопуларни дестинации за младите за иселување се Германија, САД и Швајцарија.
Тој вели и дека треба да се отворат и актуализираат прашања кои се табу тема кај нас.
„Можеби треба да се размислува и за дисперзија на институциите на централната власт. Зошто министерствата да не бидат и во градовите низ Македонија, нешто што е пракса и низ европските земји, на пример Италија и Германија. Не треба се да биде сконцентрирано во главниот град, а токму ова значително ќе придонесе за намалување на миграцијата“, рече Стојановски.
Во однос на високото образование, има повеќе индикатори кои зборуваат за неговиот карактер и за квалитетот на наставните програми.
„Треба да се работи на интернационализација на студиските програми, нешто што го прави Универзитетот Гоце Делчев. Треба да се види и кои профили се потребни. Во делот на високото образование треба да се зајакне и дисперзираниот концепт кој ние потврдивме дека ги врзува младите со локалниот простор, односно ја спречува барем таа внатрешна миграција, а делумно и надворешната.
Србија има речиси 100 научни списанија индексирани во „Скопус“, знаат во науката што значи таа база, таа е една од најрелевантните во светот, Хрватска има 163, Словенија има околу 100, а Македонија има само осум. Тоа е катастрофална бројка. Треба да се работи на научни публикации и списанија. Од тие осум, дури три се на нашиот универзитет, само еден е на УКИМ, иако е најстар во Македонија. Токму двете најдобро пласирани се на УГД“, додаде тој.
Истражувањето воедно покажува дека значителен дел од учениците од средните училишта во источните и централните делови во Македонија, своето образование ќе го продолжат во УКИМ или УГД. Постојат фактори кои влијаат на ваквата одука, а истите се однесуваат на образованието на родителите, успехот или генерално финансиските можности, па се до општите субјективни перцепции за поголемиот квалитет на наставните програми и перспективите кои ги нуди образованието.
Професорот Кирил Барбареев од Факултетот за образовни науки при УГД кој беше рецензент во оваа книга вели дека станува збор за многу сериозна научна публикација која што е работена лонгитудинално и започнува од периодот од 2014 па се до 2023 година.
„Во оваа публикација е претставен еден од најголемите проблеми во државата, а тоа е иселувањето на младите, односно одливот на мозоци обработен од повеќе аспекти како што се нивната мотивација за тоа како го гледаат ова општество и како го перципираат образованието, но и зошто би останале или заминале од државата. Авторите го поставуваат прашањето дали младите веруваат во капацитетите на ова општество да направи пристоен живот за луѓето кои одлучиле да останат и да живеат овде. Анализите покажуваат дека 60 проценти од младите би останале во сопствената локална средина ако имаат квалитетен концепт на образование или квалитетни елементи за продолжување на пост образованието во пазарот на трудот, или она што ќе претставува граѓанско општество“, вели тој.
Во однос на публикацијата насловена „Непланираното дете на Европа, Македонија како дел од источното прашање во 19 век и западните евроатлански политики во 21 век“ авторката на книгата, доцент Јорданка Галева рече дека се работи за мултидисциплинарна монографија која читателот го враќа во историското минато на Македонија давајќи му целосна слика за состојбата на Балканот, меѓународната консталација и геополитичките интереси за кроење на македонската судбина во 19 век, како и детална анализа од поновата историја со конкретен акцент на три клучни договори: Охридскиот рамковен договор, Договор од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија.
„Направена е детална анализа на првиот период, односно македонското прашање пред создавање на македонската држава опфаќајќи ги сите преговори и договори донесени на меѓународно ниво, како и за интересите на меѓународниот фактор и на балканските држави во однос на решавање на македонското прашање во 19 век и од денешната историја, евроинтегративниот процес во кој за жал сме заглавени веќе 33 години. Идејата на самата книга потекнува од моменталната состојба на Македонија во која се наоѓа, односно самиот евроинтегративен процес кој за жал се решава со билатерални договори“, изјави Галева.