И по неколку денови на интензивни новинарски прашања, упатени до собранискиот спикер, Африм Гаши, нема одговор ‘дали и кога ќе прати допис до Комисијата за избори и именување, за изгласаната недоверба на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути’. Нема одговор ниту на прашањето ‘врз кој член од собранискиот Деловник, Гаши се повикува дека изгласаната интерпелација за Даути нема правно, туку само морално дејство’.
Претседателот на Собранието, денеска излезе со соопштение во кое „топката“ ја префрла на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пратеничките групи или пратениците.
„Како претседател на Собранието, мојата главна одговорност е да го почитувам и спроведувам Деловникот и процедурите на Собранието. Во овој контекст, интерпелацијата до претседателот на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, беше спроведена во целосна согласност со Деловникот, законите и Уставот. Важно е да се напомене дека интерпелацијата, по својата природа, не носи правни последици или ефекти. Мојата улога како Претседател заврши по завршувањето на процесот на интерпелација, како што се случи во случајот со интерпелацијата поднесена против мене пред неколку месеци. Прашањата како што се разрешувања или оставки се процедури на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, пратеничките групи или пратениците“, вели Гаши во соопштението, без да појасни врз кој член од Деловникот се повикува.
Појаснувајќи дека до него досега не е пристигнато официјално известување за оставка од ниту еден претседател на Комисија, тој го избегна одговорот ‘дали ќе испрати допис до Комисијата за да констатира дека на Даути и е изгласана недоверба’.
Гаши во соопштението само појасни дека сето ова околу интерпелацијата ‘е процедурална гледна точка’, а се друго е ‘политичка реторика за дневна употреба без никаква правна основа, во која како претседател на Собранието нема да учествува’.
За дел од медиумите, шефицата на Комисијата, Даути изјави дека очекува претседателот на Собранието Гаши да свика пленарната седница на која ќе биде укинат заклучокот кој беше усвоен во петокот на гласањето интерпелација за неа за работата како претседателка на Комисијата за социјална политика. Само во тој случај, ќе прифатела да продолжи да ја води Комисијата.
Додека, пак, во вчерашното писмено соопштение Даути истакна дека ‘соочена со изборот меѓу губењето на функцијата претседател на Комисијата и дејствување под диктат, не се сомнева дека ќе ја прифати слободата на дејствување како пратеничка’.
Од нејзината матична коалиција, Европскиот фронт најавија дека до утре коалицијата ќе одржи средба и ќе одлучат што ќе прават, ‘дали Даути ќе остане претседател или пак ќе предложат друг кандидат на чело на Комисијата’. Претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села со став дека таа ќе остане на својата позиција.
Интерпелацијата за претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демокграфија и млади, поднесена од пратеничката група на Левица, беше изгласана во петокот по што Кабинетот на претседателот на Собранието излезе со соопштение во кое наведе дека интерпелацијата нема правно-обврзувачки последици.
Од опозициската СДСМ, вчера го повикаа Гаши да ги каже следните чекори по интерпелацијата на Даути, додека од Движењето ЗНАМ, кое е дел од владината коалиција, побараа од Европскиот фронт да предложи нов претседател на Комисијата бидејќи претседателското место во оваа Комисија му припаѓа на Европскиот фронт.