Дијаспората може да одигра значајна улога на парламентарните избори во Албанија на 11 мај, доколку сите регистрирани гласачи го искористат своето право.
За гласање се пријавиле над 294.000 лица, но поради недостатоци, одбиени се повеќе од 48.000 барања. Тоа значи дека околу 246.000 албански граѓани во странство ќе можат да го остварат своето право на глас.
Гласачките ливчиња ќе бидат испратени до домашните адреси на гласачите во странство, а трошоците од над 12 милиони евра ќе ги покрие Централната изборна комисија (ЦИК). Доколку процедурата се одвива според планот, испраќањето на ливчињата треба да заврши меѓу 8 и 16 април.
Регистрацијата на гласачи од странство ги надмина очекувањата, со барања од над 100 земји. Најмногу регистрирани емигранти има во Италија (91.000) и Грција (68.000), а потоа следуваат Германија (25.000) и САД (20.000).
Според пописот, Албанија има 2,4 милиони жители, но во избирачкиот список се запишани 3,7 милиони лица со право на глас, што отвора прашања за ажурноста на избирачкиот регистар.