Аларм за лошата градба во Србија – Силниот дожд ги откри пукнатините на фасадите, но и во системот

Силниот дожд што во четврток ја зафати Србија разоткри бројни недостатоци кај новите градби ширум земјата. Објекти со кои властите се гордеат и ги претставуваат како врвни успеси, почнаа да прокиснуваат како да се стари и запуштени, а не свежо пуштени во употреба.

Како што пишува „Данас“ особено внимание предизвика снимка од новата Железничка станица во Нов Белград, каде водата се слева од бетонските конструкции директно во подземниот премин под пероните. Станицата беше реконструирана пред само три години, како дел од модeрнизацијата на пругата Белград – Стара Пазова, проект реализиран од кинеските компании „China Railway International“ и „China Communications Construction Company“.

Покрај ова, на социјалните мрежи се појавија и снимки од елитниот комплекс „Београд на води“, каде во еден ресторан водата се слева по масите и столовите. Овие примери предизвикаа лавина реакции и прашања за квалитетот на градежните работи, но и за системските пропусти во државата.

Инженери предупредуваат: не тече само вода, туку и корупција

Геологот Зоран Ѓајиќ вели дека проблемите се резултат на системска корупција, лоши договори и неквалитетни работи. „Корупцијата го јаде најголемиот дел од буџетот, а останатото се троши на слаби материјали и нестручен кадар“, предупредува тој. Ѓајиќ додава дека градежните договори често се склучуваат со однапред одредени изведувачи под сомнителни услови, а гаранциите за квалитет или не постојат или не се почитуваат.

Градежниот инженер Даниел Дашиќ, пак, објаснува дека на станицата „Прокоп“, која често прокиснува по дождови, хидроизолацијата е многу лошо изведена. Тој предупредува дека долгорочното изложување на конструкцијата на вода може да доведе до корозија на челичните елементи во армираниот бетон, што е сериозна опасност.

„Граѓанинот не треба да биде жртва на правни лавиринти“

Дашиќ додава дека според закон, секој објект мора да има гаранција што започнува со добивањето на употребна дозвола. Но, во случајот со „Прокоп“, станицата добила дозвола дури две години по почетокот на употреба, што отвора прашања за одговорноста.

Особено е проблематично што кинеските компании во договорите се повикуваат на свои интерни процедури, според кои објектот е завршен кога е пуштен во употреба, дури и без технички прием. Дашиќ вели дека тоа создава правна сива зона, во која никој не сноси директна одговорност.

Државата мора да преземе одговорност

Овој нов бран проблеми со јавната инфраструктура, што следува по трагичниот инцидент со паѓањето на надстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, каде загинаа 16 лица, е јасен сигнал дека проблемот не е само во бетон и челични конструкции, туку и во целиот начин на кој функционира системот – од јавни набавки, преку надзор, до (не)постоење на одговорност.

Граѓаните сè повеќе губат доверба во институциите кои треба да гарантираат безбедност, додека социјалните мрежи стануваат главно место за разобличување на проблемите. Но, без конкретни последици и реформи, ова прокиснување ќе биде само почеток на поголема структурна штета – и буквална и институционална.

Зачлени се на нашиот е-билтен