Албанија доби 120,5 милиони евра за модернизација на железничката линија Драч-Рогожина – клучен дел од Коридорот 8

Албанија
kopaszsop, CC BY-SA 2.0 , via Wikimedia Commons

Министерот за финансии на Албанија, Петрит Малаи, изјави дека проектот за модернизација на железничката линија Драч-Рогожина ќе биде поддржан со два договори – заеми и грант. Тој ги презентираше двата договори пред парламентот. Проектот за железница Драч-Рогожина претставува прва фаза од имплементацијата на Железничкиот Коридор 8.

Малаи ги дефинираше овие договори како клучен пакет стратешки инвестиции насочени кон модернизација на железничката инфраструктура во земјата. Според него, проектот вреди вкупно 120,5 милиони евра, обезбедени преку соработка со меѓународни финансиски институции и Европската Унија: заем од 30 милиони евра од ЕБОР; заем од 30 милиони евра од Европската инвестициска банка и грант од 60,5 милиони евра од ЕУ преку финансискиот механизам Инвестициска рамка за Западен Балкан.

Министерот нагласи дека ова е стратешка инвестиција што обезбедува национална и регионална поврзаност, како и интеграција на Албанија во Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T). Тој изјави дека делницата Драч-Рогожина, долга 34 километри, ќе биде трансформирана во модерна железничка линија според европските стандарди, со можност за поголеми брзини, што ќе ја зајакне врската помеѓу пристаништето Драч и индустриските зони, како и интеграцијата со линијата Драч-Тирана и аеродромот ТИА.

Министерот, исто така, нагласи дека железничкиот Коридор 8 е меѓу најважните елементи на европската мобилност. Тој потсети дека коридорот го поврзува јадранскиот брег со Црното Море преку Албанија, Северна Македонија и Бугарија, создавајќи ефикасна алтернативна рута за меѓународен транспорт на стоки и патници со директно влијание врз конкурентноста на економиите.

Малаи истакна дека проектот може да донесе значителни економски придобивки – овозможувајќи транспорт на околу 170 илјади патници и 480 илјади тони товар годишно, намалувајќи ги трошоците за транспорт, создавајќи нови работни места и стимулирајќи го туризмот во околните области.

Министерот нагласи дека европските грантови ги намалуваат реалните трошоци за финансирање и водат до реална каматна стапка од околу -3,4%, додека партнерството со меѓународните институции обезбедува високи технички и управувачки стандарди.

На крајот од седницата, пратениците гласаа за поддршка на предлог-законите, кои министерот Малај ги идентификуваше како клучни за процесот на интеграција во ЕУ и одржливиот развој на Албанија.

Зачлени се на нашиот е-билтен