Партијата на Македонците во Албанија, Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), поднесе тужба до Управниот суд во Тирана против Владата на Албанија, поради одлуката за отворање три центри за мигранти на територијата на општина Пустец, општина во која живее македонско национално малцинство.
Албанската Влада официјално го одобри Националниот план за непредвидени ситуации за мешани миграциски текови за периодот 2026-2028 во декември минатата година. Станува збор имплементација на договорот со Италија за прифаќање 3 илјади мигранти кои чекаа одговор од италијанските власти на барањето за азил. Владата во Тирана го квалификуваше како стратешки документ кој има за цел да ги подготви албанските институции да се справат со зголемените миграциски текови на територијата на земјата.
Одлуката е донесена врз основа на член 100 од Уставот а по предлог на министерот за внатрешни работи, додека нејзиното спроведување е доверено на Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за образование, структурите за цивилни вонредни состојби, како и други државни институции
Прифатните центри нема да се градат концентрирано во еден град, туку ќе бидат распределени според мапата на миграциските текови и главните премини. Поточно, во југоисточните и јужните гранични региони, главно во Корча, Ѓирокастро и Валона, објавија медиумите.
Македонците во Албанија вознемирени
Вознемирени од оваа намера на Владата во Тирана, Македонците во Корча со тужбата на Македонската алијанса за европска интеграција бараат иземање на општина Пустец од државниот план за отворање центри за мигранти, бидејќи одлуката е донесена без консултација со локалната самоуправа, без јавна расправа и без почитување на правата на локалното население.
МАЕИ оценува дека оваа одлука претставува директно загрозување на интересите, безбедноста и демографската стабилност на македонската заедница во Општина Пустец и е спротивна на Уставот, законите и меѓународните обврски што Албанија ги има преземено за заштита на националните малцинства.
„Оваа одлука е директен удар врз македонската заедница во Албанија. Пустец е единствената општина каде што Македонците се мнозинство, а со населување мигранти се загрозуваат етничкиот баланс и културната автентичност“, изјави Васил Стерјовски, лидер на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
Тој додаде дека „владата мора да ја поништи оваа одлука и да најде други локации, бидејќи во спротивно ризикува да ја избрише единствената македонска општина во земјата.“
„Ќе продолжиме со правна и институционална борба сè додека не се заштитат правата и достоинството на македонската заедница“, порачува Стерјовски.
Зошто на југ, а не на север на Албанија?
Албанија како држава со својата голема територија од речиси триесет илјади квадратни километри и релативно мал број жители има просторна и институционална можност да распореди државни политики на многу различни места, да избере локации каде што ефектите од тие политики би се апсорбирале полесно и без драматични последици врз локалните заедници.
Сепак, изборот токму општината Пустец да биде една од локациите за прифатни кампови за мигранти отвора сериозни прашања и предизвици, бидејќи таму секоја интервенција има тежина што далеку ја надминува административната логика. Пустец е мала општина, со површина од околу 243 квадратни километри, и со население сведено на едвај 1.880 жители, што претставува драматичен пад во однос на претходните години и е јасен показател за демографската криза што ја зафаќа заедницата.
Пустец е единствената општина во Албанија со мнозинско македонско население и токму затоа секоја интервенција таму има симболичка тежина далеку поголема од бројките, бидејќи станува збор за опстанок на една културна и етничка целина што е историски и идентитетски значајна.
Аналитичарите истакнуваат дека ако во толку мала заедница се сместат стотици мигранти, тоа значи дека етничкиот баланс може да се наруши за кратко време, а македонската заедница да се почувствува како малцинство во сопствениот дом. Освен тоа, овие кампови на југо-истокот на Албанија, на тромеѓето со Македонија и Грција, се во непосредна близина и на охридскиот регион (40 км од Пустец до Поградец), што отвора опции за мигрантска рута, со оглед на фактот дека за мигрантите секако не се цел Албанија или Македонија, туку земјите на западна Европа. Тоа дополнително ја комплицира оваа намера на Албанија да задржи во земјата 300о мигранти, за почеток.