Албанија направи нов значаен чекор во преговорите за членство во Европската Унија, отворајќи го Кластерот 4, кој се однесува на зелената агенда и одржливата поврзаност. Овој кластер опфаќа четири поглавја: транспорт (14), енергија (15), трансевропски мрежи (21) и климатски промени (27).
– Албанија врши импресивна работа. Ако продолжи со ова темпо, ќе ги отвори сите кластери оваа година, изјави комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, пред шестата конференција за пристапување на земјата.
Откако ги започна преговорите во јули 2022 година, Албанија значително го забрза спроведувањето на реформите. Во октомври минатата година беше отворен Кластер 1 (основни права), во декември Кластер 6 (надворешни односи), а во март и април оваа година беа отворени Кластер 2 (внатрешен пазар) и Кластер 3 (конкурентност и инклузивен раст).
Со отворањето на Кластер 4, останува уште само Кластер 5 – кој ги опфаќа ресурсите, земјоделството и кохезијата – за да Албанија ги комплетира сите клучни области пред завршетокот на годината, ако се исполнат предвидувањата на Кос.
Комесарката потсети дека процесот на проширување се базира на резултати. – Албанија покажува дека позитивните промени се возможни со силно лидерство. Ако владата го направи својот дел, Европската комисија ќе обезбеди поддршка од своја страна, истакна Кос.
Таа, исто така, упати порака до другите земји од регионот, потенцирајќи ја клучната улога на владите во процесот на пристапување. – Ако владата навистина покаже проевропска ориентација, граѓаните добиваат чувство дека земјата се движи во вистинската насока, рече Кос.
Европската Комисија ја поддржува визијата на Владата на Албанија, предводена од Еди Рама, преговорите да бидат завршени до крајот на 2027 година.