Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Албанија се задолжува со нови 600 милиони евра

Албанската Влада ќе издаде нова еврообврзница, со која ќе се задолжи со 600 милиони евра.

Министерката за финансии и економија Делина Ибрахимај,  денеска,  во изјава за медиумите,  по владината седница, изјави дека постапката се уште не е затворена.

„Се очекува таа да се затвори во текот на оваа недела, а потоа ќе ги детализираме и елементите на емисијата на еврообврзницата на пазарите на капитал. Имаше поголема вредност од она што беше предвидено во законот. Но, законот предвидува и зголемување на вредноста. Оценивме дека состојбата на ликвидноста на пазарите на капитал, во согласност со потребата од ликвидност што ја има земјата, но и општите услови на меѓународните стапки и ликвидноста овозможија да се добие оваа поголема вредност“, рече Ибрахимај.

Владата ја избрала компанијата „Дечерт ЛЛП“ (Dechert LLP) за правен консултант за издавање на еврообврзницата што се очекува во 2023 година.

Според Ибрахимај, компанијата „Dechert LLP“ има искуство во англиското право и правото на Соединетите Американски Држави за хартии од вредност.

Ова е шеста еворобврзница со која се задолжува Владата во Тирана. Првата еврообврзница е издадена во 2010 година (вредна 300 милиони евра, 5-годишен рок на доспевање и 7,5 отсто камата) и е отплатена во 2015 година.

Втората еврообврзница беше  издадена во 2015 година (со рок на достасување од 5 години), во износ од 450 милиони евра и со каматна стапка од 4,75 отсто, третата во 2018 година, во износ од 500 милиони евра, со рок на достасување од 7 години и каматна стапка 3,5 отсто.

На 9 јуни 2020 година, Република Албанија успешно излезе на меѓународните пазари со нова 7-годишна меѓународна обврзница во износ од 650 милиони евра со камата од 3,5 отсто. Албанија во средината на ноември 2021 година го затвори својот петти излез на пазарите на капитал со еврообврзница од 650 милиони евра со камата од 3,75 отсто.

Зачлени се на нашиот е-билтен