Владата на Албанија, предводена од премиерот Еди Рама, ја лансираше кампањата „Урбана ренесанса 2.0“ со цел отстранување на дивоградби и ослободување на узурпираните јавни површини низ целата земја. Иницијативата е претставена како клучен чекор во подготовките за влез во Европската Унија до 2030 година.
Главната цел на кампањата е создавање почисти, уредени и „поевропски“ градови, како дел од пошироката реформа за територијално планирање и контрола. Акциите за уривање веќе се спроведуваат во Тирана, Скадар, Валона и други урбани, крајбрежни и заштитени подрачја. Отстранети се различни нелегални објекти – настрешници, киосци, огради и доградби што го блокираат пристапот до јавниот простор.
Само во Тирана, според плановите до крајот на јули 2025 година, требаше да се ослободат околу 20.000 квадратни метри јавен простор.
Владата отвори и онлајн платформа „Мој јавен простор“, преку која граѓаните можат да пријавуваат нелегално градење, узурпација на јавен простор или загадување. Рама секојдневно објавува видеа од акциите на социјалните мрежи, повикувајќи на соработка меѓу граѓаните, општините и бизнис заедницата.
Кампањата е дел од пошироките реформи во инфраструктурата, управувањето со отпад и снабдувањето со вода. Меѓу реакциите, најголемо внимание привлече уривањето на околу 40 објекти во заштитеното подрачје Тет, каде што дел од јавноста реагираше на методите на спроведување.
Властите најавуваат дека „Урбана ренесанса 2.0“ ќе биде долгорочна програма со построги правила, вклучувајќи конфискација на нелегално изградени објекти и формирање „црна листа“ на инвеститори што ги прекршуваат законите. Ослободените простори ќе бидат преуредени според проекти на домашни и странски архитекти.