Во Тирана на 17 октомври ќе се одржи голем протест под мотото „Слободата има име“, во знак на поддршка на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК), кои се соочуваат со обвиненија за воени злосторства пред Хашкиот трибунал.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, протестот го најави на својата официјална страница на Фејсбук, нагласувајќи дека „сите Албанци од Косово, Северна Македонија, Албанија, дијаспората и сите албански територии треба да се обединат во поддршка на ослободителите“.

„Со чест и задоволство ја пренесувам оваа покана – повик: СЛОБОДАТА ИМА ИМЕ. Од Косово, Северна Македонија, Албанија, дијаспората и секој агол на албанските земји – илјадници срца ќе се обединат овој петок, 17 октомври, во 17 часот, за едногласно да побараат правда за ослободителите“, напиша Рама.
Тој објави и фотографија со натпис „Јас сум УЧК – сензационален протест во Тирана“.
Претходно, слични протести беа организирани во Хаг, каде дел од демонстрантите се обидоа насилно да влезат во Судот, но беа спречени од полицијата, како и во Приштина, каде исто така беше изразена поддршка на поранешните припадници на ОВК.