Антифашистички протестни маршеви под мотото „Обединети против фашизмот“ ќе се одржат во недела, на 30 ноември, точно напладне во повеќе хрватски градови Загреб, Риека, Пула и Задар.
Според најавите, маршот во Загреб ќе започне со собирање на Главната железничка станица, од каде демонстрантите ќе маршираат до плоштадот Бан Јелачиќ. Во Задар ќе се одржи т.н. далматински марш, првиот поголем антифашистички собир во Далмација по повеќе децении, со собирање на Обала Кнеза Бранмира.
Истра ќе маршира низ Пула, каде граѓаните се повикани да се соберат пред Општествениот центар Ројц, а потоа да се упатат кон градската пазарница преку Монте Заро. Во Риека протестот ќе започне на Јадранскиот плоштад, завршувајќи кај Споменикот на ослободувањето на Делта.
Иницијативата „Обединети против фашизмот“, која обединува десетици организации, колективи, иницијативи и поединци од целата земја, ги повикува граѓанките и граѓаните да излезат на улиците и да маршираат против омразата, насилството, заканите и лажните наративи.
„По едно лето исполнето со забрани, тензиите, стравот и насилството не исчезнаа – напротив, станаа нова секојдневна реалност. Со овој протест сакаме да покажеме дека отпорот постои, дека сме гласни и дека не се плашиме од поттикнувачите и насилниците“, наведуваат организаторките во своето соопштение.
Тие додаваат дека „на повеќето граѓани им е доста“, истакнувајќи дека борбата против насилството, историскиот ревизионизам и заплашувањето не е само еден марш, туку процес кој се гради секојдневно – во училиштата, на работните места, на улиците и во медиумите.
„Маршот е само точка на собирање, момент во кој заедно јавно порачуваме дека не прифаќаме омраза, страв и насилство“, велат од иницијативата. Преку социјалните мрежи организаторите упатуваат и апел за донации за поддршка на протестите.

