Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Битка за Македонците на пописот во Албанија – Јотова ќе ги убедува дека се Бугари и ќе отвори бугарско училиште

Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова од денеска до 16 септември ќе престојува во Република Албанија.

Според објавата од нејзиниот кабинет, посетата на потпретседателката е во пресрет на националниот попис на населението во Албанија кој според соопштението е „важен момент за бугарското национално малцинство“.

-Потпретседателката Јотова беше првиот бугарски државник кој ја посети бугарската заедница во Албанија веднаш по нејзиното официјално признавање во 2017 година. За време на посетата на Тирана на албански ќе биде претставена книгата на проф. Спас Ташев „Бугарите во Албанија“. Илијана Јотова во селото Големо Острени ќе се сретне со претставници на бугарското национално малцинство од регионот Голо Брдо. Потпретседателката ќе ја отвори новата учебна година во бугарското неделно училиште во градот Елбасан, соопштија од нејзиниот кабинет.

Јотова во Тирана ќе има средби со претседателот Бајрам Бегај, со вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку, со претседателката на Собранието Линдита Никола, со министерот за внатрешни работи Таулант Бала. Бугарската потпретседателка ќе разговара со ректорот на Универзитетот во Тирана, проф. Артан Хоџа. Инаку на овој универзитет се изучува бугарски јазик. Во бугарската делегација, предводена од потпретседателката Јотова се и професори од бугарските универзитети и од Бугарската академија на науките.

Инаку пописот на населението, домаќинствата и становите во Албанија ќе почне на 18 септември и ќе трае шест седмици, соопшти неодамна Државниот институт за статистика, ИНСТАТ. Последниот попис во земјата беше спроведен во 2011 година. Планираниот за 2021 беше одложен поради ковид пандемија, а минатата година бидејќи „не биле обезбедени неопходните алатки за собирање информации на терен”.

На последниот попис во Албанија како Македонци официјално се декларирале 5.512 граѓани, што е удвојување во однос на резултатите од пописот во 1950 година. Проценките се дека македонското малцинство е многу поголемо, меѓу 50.000 и 100.000 граѓани и се очекува престојниот попис заедно со подобрените македонско – албански односи и демократизацијата на Албанија, да ја покаже вистинската бројка на Македонци во оваа соседна земја.

Во јули Пендаровски беше во Пустец, Ковачевски во Голо Брдо

Кон крајот на јули годинава меѓу Македонците во Пустец и Голо Брдо беа претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски. Македонците со години наназад се жалат на обидите за асимилација од страна на Бугарија и бараат заштита од македонските власти и поголема ангажираност за македонското малцинство во Албанија кое поради тешката економска состојба е принудено да се иселува во потрага го подобри услови за живот во соседните земји.

Во Пустец претседателот Пендаровски заедно со албанскиот претседател Бегај го посети училиштето каде со години се одвива настава на македонски јазик во основно и средно, а жителите на ова македонско село во Албанија му се пожалија дека тешко живеат и се принудени да се иселат.

Во Голо Брдо премиерот Ковачевски се сретна со Македонците на кои им донираше машина за чистење снег и сијалици за улично осветлување, во рамки на Акцискиот план за поддршка на Македонци од Голо Брдо и Пустец и за подобрување на условите за живеење на етничките Македонци во Албанија.

-Владата спроведува и повеќе активности во однос на зголемување на бројот на стипендии за студирање на високо образовните институции во нашата држава, продолжуваме и со финансирање проекти за дијаспората, вклучително и за Македонците од Албанија. Посветено работиме на проширувањето на соработката меѓу надлежните институции на Албанија за сите прашања од интерес на нашите Македонците кои живеат во Албанија, како што се во делот на пописот, во делот на организацијата во локалната самоуправа и во други области од секојдневното живеење. Со конкретни проекти правиме се за подобрување на нивниот живот, континуирано помагаме за подобрување на условите на живеење на нашинците, ги подобруваме условите за работа во училиштата, финансиски го помагаме комуналното уредување на општините каде живее македонско население, им порача Ковачевски.

Во Тирана пак деновиве е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски  кој на средба со негиот колега Бала договори започнување на подготовките од двете страни за  граничниот премин Џепиште-Требиште кај Дебар да работи 24/7, со што ќе се олеснат потребите на Македонците што живеат и работат во регионот Голо Брдо.

Овој премин е од локален карактер и сега работи од 6 до 20 часот во летниот и од 8 до 18 часот во зимскиот период.

Асимилација на македонското малцинство во Албанија

Васил Стерјоски, претседател на единствената македонска партија во Албанија, Македонска Алијанса за европска интеграција неодамна во интервју за „Слободен печат“ зборуваше за обидите на асимилација на македонското малцинство од страна на Бугарија, нагласувајќи дека Бугарија со притисок и закани во однос на нејзините европски аспирации издејствувала Албанија да признае непостоечко бугарско малцинство и сега работи на негово „создавање“.

-Од една страна Бугарија успеа, а тоа сега е нивни голем проблем, со притисок да признае бугарско малцинство коешто го нема во регистристите во државата. Ако сега од албанската држава барате информација каде има бугарско малцинство по попис, по факти, нема да ви каже. Само е наведено во законот дека постои. Тоа што сега бугарската дипломатија го користи, доаѓа бугарските амбасадор во нашите региони со градоначалниците и ни вели дека сега Албанија ве призна како Бугари, ајде сега да отвориме бугарски школи, што е лага бидејќи Албанија призна малцинство но не вели дека ние сме Бугари, изјави Стерјовски за „Слободен печат“.

Тој укажа дека поради пасивноста на албанската држава за подобрување на условите за живот во местата каде живее македонско малцинство, голем број Македонци се принудени да аплицираат за бугарски пасош со кој потоа заминуваат на работа во европските земји, па дури и САД и Канада, но за бугарски пасош плаќаат и Албанците од Албанија но по многу повисока цена кои исто така бараат начин да емигрираат од земјата.

Стерјоски предупреди на засилени активности од страна на бугарските власти во пресрет на пописот во Албанија, кога на хартија во пописните листи треба на било каков начин да се појави и бугарско малцинство.

– До пред 2 години нашите албански граѓани одеа во Софија за да аплицираат за бугарски пасош. Тоа што се направи само за Албанија, ова е исклучок, па сега ги викаат во бугарската амбасада во Тирана да аплицираат и ми кажуваат овие нашите што аплицираат дека им викале да се запишат Бугари на пописот за да земат пасош, а тоа е дирекно мешање во внатрешните работи на земјата. Сум разговарал и со други амасади на други европски држави и викаат дека ова е директно мешање во внатрешните работи и ги поминува ингеренциите на една амбасада зошто тие немаат право да се мешаат и со давање привилегии да издејствуваат граѓани на друга држава да се декларираат како што тие сакаат. Но Албанија навистина има оставено отворен простор на бугарската пропаганда. Тоа навистина е грубо мешање и затоа се овие наши реакции, затоа што Бугарија се обидува, сега пред пописот во септември, дури има инсталирано и свои луѓе во разни институции во Албанија, било Албанци, било Македонци, било Власи или други малцинства кои се директно на нивни платен список, за нас да не4 саботира, потенцираше Стерјовски.

Најголем дел од македонското малцинство во Албанија живее во регионот Мала Преспа, Голо Брдо и Гора кон Косово и Кукс на северот од Албанија, додека голема концентрација има и во Тирана, Елбасан, Драч и Корча.

Извор: Слободен печат

Зачлени се на нашиот е-билтен