Доколку биде осуден, Милорад Додик ќе се соочи со забрана за вршење на функцијата претседател на Република Српска. Во изминатите 20 години, тој ја концентрираше целата моќ во свои раце, создавајќи системска корупција и акумулирајќи огромно богатство.
На 26 февруари во 13 часот Судот на Босна и Херцеговина ќе ја донесе пресудата за претседателот на Република Српска Милорад Додик и за Милош Лукиќ, в.д. директор на „Службен весник“. Додик е обвинет за потпишување указ и прогласување за валидни два закона на Република Српска, кои високиот претставник за БиХ Кристијан Шмит претходно ги поништи. Лукиќ е обвинет дека ги објавил овие уредби во „Службен весник на РС“ и законот според кој одлуките на високиот претставник и на Уставниот суд на БиХ нема да се применуваат на територијата на тој ентитет.
Судењето почна на 5 февруари минатата година, откако во август 2023 судот го потврди обвинението против Додик и Лукиќ.
-Неговото владеење ја доведе Република Српска на работ на опстанок – населението се преполови, економијата тоне во долгови, а пензиите и платите зависат од постојано задолжување. Додик е свесен дека губењето на власта би значело и распад на неговата криминална структура, а можеби и негово гонење за корупција и загуба на слободата. Затоа, останува прашањето – дали воопшто би ја прифатил пресудата, коментира за Рацин.мк, Срѓан Благовчанин, претседател на Управниот одбор на Транспаренси Интернешнл во Босна и Херцеговина.
Според Благовчанин најавата за „вонредна состојба“ и „постојано заседавање“ на Собранието на Република Српска е дел од пропагандната кампања на режимот на Додик. Собранието, според деловникот, веќе е во постојано заседавање, па ваквата изјава е бесмислена. Нејзината цел е да се изврши притисок врз судот кој треба да ја донесе пресудата, како и да се мобилизираат неговите поддржувачи.
-Додик го негира легитимитетот на високиот претставник и не ги признава измените на Кривичниот законик, донесени од Кристијан Шмит, врз основа на кои и му се суди. Улогата на високиот претставник е спорна – веќе 20 години меѓународни тела како Венецијанската комисија и Советот на Европа предупредуваат дека неговите овластувања се несоодветни за една демократска држава. Но, Додик тука е лицемерен – во минатото самиот ги поддржуваше смените на високи функционери од страна на високиот претставник, а и самиот дојде на власт со негова интервенција, појаснува Благовчанин.
Тој додава дека владејачкиот режим во Република Српска со години се заканува со сецесија, а овие закани се интензивираат пред пресудата.
-Доколку Додик биде осуден и не ја прифати пресудата, можно е институциите на Република Српска да се повлечат од државните тела на БиХ, што би предизвикало сериозна уставна и политичка криза со непредвидлив исход. Додик има проблем со легитимитетот – на изборите во 2022 година имаше сериозни нерегуларности, а опозицијата го обвини за изборен фалсификат. Ова беше потврдено и со неговото вклучување на „црната листа“ на САД, каде што беше наведено дека организирал изборни манипулации. Неговата поддршка денес главно доаѓа од партиски членови и вработени во јавниот сектор, кои се под притисок да го поддржат, вели Благовчанин.
Тпј заклучува дека БиХ веќе со години е во политичка, уставна и институционална криза.
-Самото постоење на високиот претставник и неговите овластувања да наметнува закони и сменува функционери покажува дека земјата не е целосно суверена. Доколку Додик биде осуден и одбие да ја прифати пресудата, тоа би довело до парализа на институциите на БиХ. Со намаленото влијание на меѓународната заедница, ситуацијата би можела да ескалира во опасна насока, заклучува Благовчанин.
Разговараше Соња Танеска