Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Борел: Денеска ќе видиме дали Вучиќ и Курти се подготвени да преземат одговорност

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на својот Инстаграм профил објави дека почнале тешките разговори во Брисел, јави дописникот на МИА од Белград.

Ова го објави заедно со фотографии од почетокот на средбата со претставниците на ЕУ во рамките на новата рунда дијалог меѓу Белград и Приштина.

Во исто време, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, на платформата Х објави дека трилатералната средба со Вучиќ и Курти е започната.

– Време е сериозно да започнеме со спроведување на Договорот на патот кон нормализација. Денеска ќе видиме дали се подготвени да преземат одговорност, напиша Борел.

По неколкумесечни тензии и застој, во Брисел продолжи дијалогот меѓу Белград и Приштина, на кој присуствуваат Александар Вучиќ и Албин Курти. Најпрво со почеток во 9 часот се одржа билатерална средба меѓу Вучиќ и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност и потпретседателот на ЕК, Жозеп Борел, и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.

Потоа, нешто по 10 часот започна средбата на Албин Курти со европските претставници.

Околу 11:30 часот Вучиќ и Курти седнаа на иста маса со европските претставници.

Најново