Брисел го затвора поглавјето за јавни набавки – нов чекор напред за Црна Гора

На денешната 23-та Меѓувладина пристапна конференција меѓу Европската унија и Црна Гора, што се одржува во Брисел, ќе биде времено затворено Поглавјето 5 – „Јавни набавки“. Со тоа Подгорица официјално ја добива потврдата дека домашното законодавство и практики во оваа област се усогласени со европските правила, еден од клучните предуслови за конкуренција и транспарентност на заедничкиот пазар.

Патот на Црна Гора кон членството во ЕУ започна пред речиси седумнаесет години, кога државата поднесе апликација во декември 2008 година. Статусот кандидат го доби две години подоцна, а првата пристапна конференција на министерско ниво се одржа на 29 јуни 2012 година, со што официјално стартуваа преговорите.

Оттогаш се отворени 33 од вкупно 35 поглавја, при што шест се затворени на привремена основа. Денешното затворање на Поглавјето 5 ја нагласува определбата на Црна Гора да го продлабочува реформскиот курс, особено во областите што бараат високо ниво на транспарентност и контрола на јавните финасии. Сепак, остануваат чувствителните поглавја за владеење на правото, борбата против корупцијата и реформа на судството, кои ќе ја одредат брзината на влезот во ЕУ.

Брисел го поздравува напредокот, но потсетува дека темпото ќе зависи од квалитетот на имплементацијата на европските стандарди дома. За Црна Гора, денешниот успех е сигнал дека поставената агенда за 2030 година како реален хоризонт за членство останува достижна – доколку институциите ја одржат реформската динамика и обезбедат опипливи резултати во клучните поглавја.

Зачлени се на нашиот е-билтен