Британија размислува за создавање центри за враќање на неуспешните барачи на азил на Балканот

Британскиот премиер, Кир Стармер, разгледува можноста за испраќање на неуспешни баратели на азил од Обединетото кралство во земјите на Балканот, каде што би биле сместени во т.н. „центри за враќање“. Како што пренесува лондонскиот весник „Тајмс“, британската влада размислува за соработка со Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Северна Македонија.

Извори од владата на Обединетото кралство наведуваат дека планот е во почетна фаза, а земјите засега не се контактирани. „Владата е во многу рана фаза на дискусии за оваа идеја и е заинтересирана да дознае повеќе за практиките што ги применува Италија во Албанија“, известува „Тајмс“.

Италијанската влада веќе има договор со Албанија за сместување на емигранти во кампови, но неколку италијански судови го блокираа тој договор, па планот е привремено прекинат. Според извештај на Migration Watch UK, до март 2025 година, над 5.200 мигранти пристигнале во Велика Британија преку мали чамци.

Претходно, британските Конзервативци предлагаа сличен план за Руанда, кој беше запрен по одлуката на британските судии. Минатата недела, Европската унија предложи нова иницијатива, која би дозволила земјите членки да воспостават таканаречени центри за враќање, а Меѓународната организација за миграција на ОН ја поддржа оваа идеја, нудејќи советодавна помош за создавање на ефективна политика за враќање која ќе биде усогласена со европското и меѓународното право.

Зачлени се на нашиот е-билтен