И покрај блокадата на опозицајата на вонредната седница на српското собрание, таа заврши со расправа на дневниот ред, по што е најавено нејзино продолжување за утре и гласање за избор на нов министер за економија, јави дописникот на МИА од Белград.
-Одиме на ребаланс, од 1 октомври ќе има дополнително зголемување на пензиите за 5,5 отсто, до крајот на септември ќе плаќаме по 10.000 еднократна помош на секое дете до 16 години што аплицирало за помош. Досега аплицирале 947.000 деца, ќе добијат помош, затоа што не отстапивме и никогаш нема да отстапиме. Дали успеавте да ја блокирате работата на Собранието? Не успеавте! Успеавме да се избориме за ребаланс на буџетот, успеавме! Одиме понатаму, да живее Србија“, рече Брнабиќ.
Претходно, преставници на опозицијата порачаа дека сите одлуки на собранието нема да ги смета за легални.
Самата расправа во собранието протекна со хаос и блокада на работата од опозицијата која упати свирежи и извици „крадци“.
Претходно денеска проевропската опозиција по осумнаесетте протести на Србија против насилството и по одржаниот состанок, на прес конференција во собранието побара од властите одржување на итни парламентарни и белградски избори до крајот на оваа година. Тие најавија блокада на седниците на собранието до добивање одговор од властите и најавија нов протест „Србија против насилството“ во петок, до ТВ Пинк.
На барањата и блокадата на проевропската опозиција се придружи и десницата, изјави лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ.
Претседателот на собранието Владимир Орлиќ на прес конференција и одговори на проевропскиот дел од опозицијата дека „со ентузијазам ја прифаќа иницијативата за распишување вонредни парламентарни и белградски избори, дека за тоа барање ќе ги извести надлежните органи – Владата на Србија, претседателот и да ќе добијат одговор во најкраток можен рок, можеби за 30 дена“.