Брнабиќ го нарече известувачот на ЕП за Србија, Тонино Пицула, мал глушец. Претседателката на српскиот парламент и поранешна премиерка на земјата, Ана Брнабиќ, употреби остри зборови кон известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, пренесоа српските медиуми.
„Опсесијата на Пицула со Александар Вучиќ станува доста забавна. Човекот води внатрешен монолог за активностите на претседателот на Република Србија и, како мало глувче, снима што прави Александар Вучиќ и со кого разговара“, рече Ана Брнабиќ.
Нејзиниот коментар беше во врска со интервјуто на Пицула за воената парада во Белград, во кое тој рече дека Александар Вучиќ уште еднаш испратил јасна порака „дека седи на неколку столчиња“.
Пицула нагласи дека шефот на државата на Србија сакал да демонстрира контрола врз најважната институција во земјата – армијата, која останува најпопуларна меѓу граѓаните.
Тој, исто така, потсети на масовните протести од 15 март во Белград, истакнувајќи дека најновите промени во „репресивниот апарат“ се знак за недовербата на Вучиќ кон сопствените институции.
„Претседателот презентираше воена опрема купена и од Истокот и од Западот, уште еднаш испраќајќи порака за балансирање меѓу двата табора. Во исто време, тој им се заблагодари на руските разузнавачки служби, кои наводно го предупредија за повторен обид за негово соборување околу првата годишнина од трагедијата во Нови Сад“, додаде Пицула.