Бројот на жртви од пожарот во Тузла се зголеми на 13

Во Клиничкиот центар на Универзитетот во Тузла синоќа во 23:01 часот почина уште една пациентка повредена во пожарот што избувна во Домот за стари лица во Тузла. Со ова, бројот на загинати се искачи на 13.

Пациентката била хоспитализирана на Клиниката за анестезиологија и реанимација, во тешка состојба и приклучена на апарат за дишење, но им подлегнала на повредите.

По несреќата во тузланскиот Дом за стари лица, во Клиничкиот центар беа згрижени вкупно 30 лица. Во моментов таму се лекуваат 13 пациенти, од кои еден е на механичка вентилација.

Според извештајот на УКЦ ТК, тројца пациенти се на Клиниката за анестезиологија и реанимација, шест на Клиниката за белодробни заболувања (меѓу нив и еден полицаец), тројца на Клиниката за внатрешни болести и еден на урологија – сите во стабилна состојба.

Извршени се обдукции на 11 жртви, при што е утврдено дека сите починале од задушување, а едно тело било зафатено и од пламен.

Причината за пожарот сè уште се утврдува, додека директорот на Домот за стари лица поднесе оставка. По трагедијата се отворија бројни прашања за условите во установата, вклучувајќи го и фактот дека неподвижните корисници биле сместени на горните катови и дека на 185 лица се грижеле само три медицински лица.

Зачлени се на нашиот е-билтен