Бугарија до ЕУ: Иницијативата за уставна оцена на протоколот е непотребна и штетна

Бугарија реагира пред Европската унија дека Македонија не ги исполнува преземените обврски од Договорот за добрососедство. Според министерот за надворешни работи Георг Георгиев, иницијативата за оцена на уставноста на протоколот, поднесена од поранешната пратеничка Лилјана Поповска, претставува правно бесмислен потег и непотребна провокација.

Во писмо до европските министри за надворешни работи, високата претставничка Каја Калас и еврокомесарката за проширување Карта Кос, Георгиев предупредува дека оваа постапка отвора нови проблеми со сериозни последици по европската интеграција на Македонија.

„Бугарија очекува од соседната земја да ги исполни своите обврски со искрена намера, како што континуирано бара Европскиот совет. Убедени сме дека најдобриот пат за иднината на Западен Балкан е учеството на сите земји во Европската Унија“, изјави Георгиев.

Тој додава дека иницијативата е резултат на координација со ВМРО-ДПМНЕ и ја гледа како обид да се избегне исполнување на европските обврски. Во писмото Софија повторува дека нема да прифати никакви измени на протоколот од 2022 година, без оглед на политичките или правните процеси во Македонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен