Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Бугарија: Партиите на Борисов и Петков договорија коалиција за носење закони

Големите политички ривали, ГЕРБ и коалицијата „Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија“ денеска се договорија да ја извлечат бугарската политика од ќор-сокакот, барем што се однесува до законодавната агенда на новото собрание и изборот на неговиот спикер. Преговарачките тимови на двете партии се договорија претседател на парламентот да биде Росен Желјазков од ГЕРБ, а претседателот на клучната собраниска правна комисија да го предложи ПП-ДБ.

Така, двете најголеми парламентарни формации се обидуваат да обезбедат најважните реформи и закони да бидат донесени пред евентуални нови избори, па макар и немало политичка влада, а со земјата повторно да раководи службен кабинет предложен од претседателот Румен Радев. Во моментов ГЕРБ и ПП-ДБ не зборуваат за влада.

Во разговорите учествуваат групи предложени од раководствата на партиите, но во нив, барем јавно, не беа вклучени Бојко Борисов и Кирил Петков, двајцата поранешни премиери.

Коалицијата ПП-ДБ, која е втора политичка сила, одлучи да не поддржи кабинет со учество или мандат на ГЕРБ.

Можно е ако парламентот работи повеќе од три месеци, да има ротација и на претседателот на парламентот. Се очекува спикерот да биде избран на седница на собранието во среда.

Двете формации, во основа, имаат три приоритетни закони: реформи во антикорупциската комисија; воведување механизам за истрага на јавниот обвинител и измени на предлог-законот за заштита од семејно насилство. Освен за овие закони неформалната привремена коалиција разговарала и за за измени на голем број предлог-закони неопходни за распределба на средствата од Европската комисија според Планот за закрепнување и одржливост, за пристапување на Бугарија во Шенген и во еврозоната.

Зачлени се на нашиот е-билтен