Цариград ги отфрли нападите на Русија врз Вартоломеј: Лажни вести и измислени сценарија

Вартоломеј
Од архивата на официјални фотоиграфии на Вселенскиот патријарх Вартоломеј на веб страницата на Вселенската патријаршија, https://ec-patr.org/en/

Вселенската патријаршија го опиша како „лажни вести“ остриот личен напад врз Вселенскиот патријарх Вартоломеј, започнат еден ден претходно од страна на Руската служба за надворешно разузнавање.

„Од 2018 година, кога Вселенската патријаршија донесе одлука за доделување автокефалност на [Православната] Црква на Украина, Мајката Црква избегнуваше да коментира за безбројните слични напади што доаѓаат од црковни или политички центри и личности во Русија. Таа продолжува да го прави тоа и денес“, се вели во соопштението за медиумите на Патријаршијата што го пренесе грчки „Катимерини“.

„Имагинарните сценарија, лажните вести, навредите и сите видови измислени информации од пропагандите не ја обесхрабруваат Вселенската патријаршија да продолжи со својата служба и екуменска мисија“, се додава во текстот.

На 12 јануари, руското разузнавање отворено застана на страната на Српската православна црква (СПЦ) и јавно го нападна Вселенскиот патријарх Вартоломеј за неговата намера да ѝ додели автокефалност на Црногорската православна црква. Го нарече Вартоломеј „Антихрист на Цариград“ и го обвини дека се обидува да „сее раздор“ во рускиот православен свет со наводна поддршка на британските тајни служби.

„Активноста на Цариградскиот патријарх не е изолиран случај, туку се вклопува во поширок спектар на дејствија што веќе се забележани во Украина и балтичките држави. Агресивните апетити на Цариградскиот антихрист не се ограничени само на Украина и балтичките држави. Неговото предавство постепено се шири во земјите од Источна Европа. За да нанесе удар на особено тврдоглавата Српска православна црква, тој има намера да ѝ додели автокефалност на непризнаената „Црногорска православна црква“, се вели во соопштението на Руската служба за надворешно разузнавање.

Според руското разузнавање, „во некои црковни кругови, ваквите дејствија се перцепираат како прекин на живото тело на Црквата“, а последиците, тврди Москва, би можеле да бидат долготрајни за единството на православието. Руската служба верува дека дејствијата на Цариградскиот патријарх се споредливи со дејствијата на „лажните пророци“ од Евангелието и пораката дека дејствијата и намерите се препознаваат „по нивните плодови“.

Официјалниот став на Руската служба за надворешно разузнавање експлицитно нагласува дека се однесува на актуелните црковни и геополитички процеси во регионот.

Зачлени се на нашиот е-билтен