Албанија, Италија, Бугарија, Северна Македонија и Романија потпишаа Заедничка декларација за Коридорот 8 во Тирана, дефинирајќи го како стратешка оска за поврзаност, економски развој и безбедност на регионот.
Петте земји ја потврдија својата посветеност да го претворат Коридорот 8 во функционална артерија на трансевропската транспортна мрежа ТЕН-Т со директна релевантност за постепената интеграција на Западен Балкан во Европската Унија.
Северна Македонија ја претставуваше министерот за надворешни и меѓународна трговија Тимчо Муцунски.
Во декларацијата се нагласува дека коридорот, кој го поврзува Јадранското Море со Црното Море, има тројно значење – политичко, економско и безбедносно, придонесувајќи за европската кохезија и регионалната стабилност.
Во документот се нагласува дека координираната имплементација на проектот ќе ги надмине историските празнини во поврзаноста во Југоисточна Европа и ќе ја зголеми видливоста и влијанието на посветеноста на ЕУ во регионот.
Значајно место се дава на безбедноста и воената мобилност. Петте земји ја потврдуваат својата посветеност на развојот на Коридорот 8 како приоритет во рамките на засилената соработка меѓу ЕУ и НАТО, директно придонесувајќи за безбедноста на југоисточниот и источниот дел на Алијансата. Во овој контекст, се потсетува на Писмото за намери потпишано на Вашингтонскиот самит во 2024 година за воспоставување на Хармонизиран коридор за воена мобилност долж паневропскиот Коридор 8.
Во економска смисла, петте земји се согласуваат дека инвестициите во одржлива, отпорна на кризи и интероперабилна инфраструктура се клучни за постепената интеграција на регионот во Единствениот пазар на ЕУ. Се нагласува потребата од мобилизирање средства од европски инструменти, вклучувајќи го и Фондот за поврзување на Европа (CEF), IPA III и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Декларацијата ја осудува агресивната војна на Русија против Украина и ја потврдува поддршката за меѓународните напори за постигнување траен мир.
Петте европски земји се согласија да го воспостават петпартитниот формат како постојана политичка платформа за забрзување на имплементацијата на Коридорот 8 и да го задржат како приоритет на националната и европската агенда.
Целосен текст на Тирананската декларација за Коридорот VIII
Ние, министрите за надворешни работи на Албанија, Бугарија, Италија, Северна Македонија и Романија,
Потсетувајќи се на заклучоците од Првиот министерски состанок во Бриндизи на 27 јули 2023 година, последователните дискусии во Брисел во декември 2025 година, како и Писмото за намери потпишано на Вашингтонскиот самит во 2024 година за воспоставување на хармонизиран коридор за воена мобилност долж Паневропскиот коридор 8;
Водени од принципите на договорите на Европската Унија, процесот на проширување на ЕУ, рамката на TEN-T и обврските во рамките на НАТО;
Повторно потврдувајќи ја нашата посветеност на тесна соработка и добрососедски односи и сметајќи го Коридорот VIII како стратешка оска Исток-Запад што ги поврзува Јадранското и Црното Море и како суштинска компонента на мрежата TEN-T, што придонесува за стабилност, просперитет и безбедност во Југоисточна Европа;
СТРАТЕШКИ И ПОЛИТИЧКИ КОНТЕКСТ
Ја нагласуваме стратешката важност на Коридорот VIII со политичка, економска и безбедносна димензија, придонесувајќи кон европската кохезија, регионалната соработка и постепената интеграција на Западен Балкан во ЕУ;
Забележуваме дека координираната и навремена имплементација на проектот ќе ги премости долгогодишните празнини во поврзувањето во Југоисточна Европа и ќе го зголеми кредибилитетот и видливото влијание на засилената посветеност на ЕУ за целосна интеграција на регионот во заедничката европска област на безбедност, стабилност и просперитет;
Нагласуваме дека овој стратешки инфраструктурен проект претставува клучна рамка за градење политичка доверба, зајакнување на добрососедските односи и продлабочување на контактите меѓу луѓето, особено меѓу младите;
Остро ја осудуваме агресивната војна на Русија против Украина и ги поддржуваме меѓународните напори за постигнување одржливо и долгорочно мирно решение.
ЕКОНОМСКА ИНТЕГРАЦИЈА И ПОВРЗАНОСТ
Ја признаваме важноста на регионалната економска интеграција во согласност со четирите слободи на ЕУ како клучен двигател за одржлив раст, конкурентност и економска конвергенција;
Подвлекуваме дека Коридорот 8 ги олеснува трговските текови, ја подобрува логистичката ефикасност и ги зајакнува регионалните и европските синџири на снабдување, зголемувајќи ја отпорноста и во време на криза;
Се согласуваме дека инвестициите во одржлива и интероперабилна инфраструктура се од суштинско значење за постепената интеграција на регионот во Единствениот пазар на ЕУ.
БЕЗБЕДНОСТ, ОДРЖЛИВОСТ И ВОЕНА МОБИЛНОСТ
Ја потврдуваме нашата посветеност на развојот на Коридорот 8 како приоритет за воена мобилност во рамките на зајакната соработка помеѓу ЕУ и НАТО, придонесувајќи за безбедноста на југоисточните и источните крила на Алијансата;
Нагласуваме дека заштитата и развојот на инфраструктурата долж коридорот се од директна важност за спроведувањето на регионалниот план на НАТО и за борба против хибридните закани, дезинформациите, нерегуларната миграција и малигните надворешни влијанија.
ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА И СЛЕДНИ ЧЕКОРИ
Ја потврдуваме нашата решеност да го трансформираме Коридорот 8 во стратешка артерија на европската поврзаност, економскиот развој и просперитетот, одржувајќи го како приоритет на национално и европско ниво;
Се обврзуваме да ги интензивираме напорите за мобилизирање средства од европските инструменти CEF, IPA III и WBIF, како и од меѓународни финансиски институции и јавно-приватни партнерства;
Се согласуваме да го воспоставиме петпартитниот формат како постојана платформа за политички дијалог и координација со цел да се забрза имплементацијата на Коридорот 8 како целосно функционален, одржлив и интегриран елемент на европската поврзаност и безбедност.