БиХ се одлучи за независност во време кога поранешна СФРЈ веќе не постоеше, велат соговорниците на Дојче Веле. Дали тоа беше единствениот избор?
„1. Март беше нашата судбина и несоодветно, па дури и погрешно е да се прашуваме дали нешто можело да биде поинаку. Немаше да бидеме тоа што сме ако изберевме потчинување во име на сомнителна безбедност“ – зборови на првиот претседател на Претседателството на независна Република Босна и Херцеговина (БиХ) Алија Изетбеговиќ. „Потчинување“ тогаш значеше останување во т.н „скратена“ Југославија, како што многумина ги нарекуваа остатоци од поранешна СФРЈ, откако Хрватска и Словенија веќе ја прогласија својата независност.
Децении подоцна, во БиХ, држава со два ентитета и три конститутивни нации, не е мал бројот на оние кои сѐ уште се прашуваат дали можело да биде поинаку. За разлика од мнозинството Бошњаци и Хрвати, мнозинството Срби генерално веруваат дека Југославија требало да остане, дури и да била „скратена“, како што ја нарекувале во тоа време. Мислењата на соговорниците на ДВ се поделени.
Поранешниот претседател на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) на БиХ и поранешен член на Претседателството на БиХ, Стјепан Кљујиќ, инаку критичар на Алија Изетбеговиќ, вели дека 1 март е еден од најзначајните датуми во модерната историја на БиХ. Тој не се двоуми околу одговорноста за распадот на СФРЈ – што доведе до референдумот во Босна – и го обвинува поранешното српско раководство за распадот на Југославија.
„Распадот на Југославија започна на 14. Конгрес на Сојузот на комунистите на СФРЈ во 1991 година, кога Слободан Милошевиќ направи беља, а Словенците и Хрватите веднаш решија да си заминат. Милошевиќ тогаш се спротивставил на сите словенечки предлози за измена на Сојузот на комунистите на Југославија и поранешна СФРЈ. Во Босна и Херцеговина имаше диференцијација, па Меѓународната заедница преку Бадентеровата комисија (арбитражна комисија при Мировната конференција за Југославија) предложи референдум на населението за иднината на Босна и Херцеговина“, вели Кљујиќ.
На референдумот, кој се одржа во 1992 година, 64 отсто од граѓаните се изјаснија за „суверена и независна Босна и Херцеговина, држава на еднакви граѓани, народот на Босна и Херцеговина – муслимани, Срби, Хрвати и сите други народи кои живеат во неа“.
Кљујиќ вели дека доколку немало блокади од Српската демократска партија (СДС), 80 отсто од населението би биле за независна БиХ. „Многу Срби од урбаните средини беа за независност на Босна и Херцеговина“, вели Кљујиќ. Тој потсетува дека на референдумот му претходел голем отпор, дури и од тогашниот хрватски претседател Фрањо Туѓман „поради договорот со Милошевиќ во Караѓорѓево за поделба на Босна“. „Но, референдумот беше поддржан од Католичката црква по мојата средба со кардиналот Кухариќ, па во 1992 година Хрватите во Босна и Херцеговина масовно одговорија на повикот за референдум“, вели Кљујиќ.
„Скратена Југославија“ – пропуштена шанса?
Српскиот политичар, доктор по правни науки Петар Куниќ потсетува дека Слободан Милошевиќ на тогашните политичари во БиХ, Адил Зулфикарпашиќ и Мухамед Филиповиќ, им понудил модел на „скратена Југославија“ што ќе ги вклучи БиХ, Србија, Црна Гора и, евентуално, Македонија. Соговорникот на ДВ вели дека Адил Зулфикарпашиќ и Мухамед Филиповиќ го прифатиле овој предлог, но тој бил одбиен од страна на Алија Изетбеговиќ, по интервенцијата на американскиот амбасадор Ворен Цимерман.
Тоа беше една од причините за многу негативни настани што следеа“, смета Куниќ.
Ситуацијата била многу сложена, бидејќи Хрватите во Босна и Херцеговина не беа подготвени да прифатат ниту еден модел на Југославија. Тоа го признава и Куниќ, додавајќи дека босанските Хрвати биле ориентирани кон Хрватска, која веќе прогласила независност. „Можеби имаше шанса за автономија на босанските Хрвати во рамките на таа ‘скратена Југославија’, но тој модел никогаш не беше на маса“, вели Куниќ.
Миро Лазовиќ, поранешен претседател на Собранието на Република БиХ и еден од босанските преговарачи во Дејтон, потсетува дека во пресрет на референдумот во БиХ, официјални лица предложиле голем број иницијативи за зачувување на Југославија, вклучително и конфедерални решенија. „Јас го иницирав предлогот, кој стана основа за платформата на Алија Изетбеговиќ и македонскиот претседател Киро Глигоров за зачувување на Југославија како конфедерација, но Милошевиќ и Туѓман го одбија“, вели Лазовиќ. Тогаш започнала и организацијата на референдумот на кој голем процент од граѓаните се определија за независна држава Босна и Херцеговина.
„Како демократски чин, референдумот не беше поттик за војна, бидејќи војната веќе ги зафати областите во Хрватска, но и делови од Босна и Херцеговина, и тоа пред референдумот. Сетете се на нападот на ЈНА врз селото Равно во 1991 година“, потсетува Лазовиќ, нагласувајќи дека судбината на војната или мирот никогаш не зависеле од Босна и Херцеговина. „Ова е решено на релација Белград-Загреб“, вели соговорникот на ДВ.
Тој забележува дека Босна и Херцеговина платила највисока цена, но денес е независна земја и членка на Обединетите нации. „А што се однесува до СФРЈ, жал ми е што не беше зачувана, бидејќи беше добар проект за сите народи што живееја таму, а особено за Србите, бидејќи српскиот народ можеше да живее во една држава само во Југославија“, вели Лазовиќ.
Тоа, како што истакнува, им го кажувал и на пратениците на СДС во Собранието на Република БиХ. „Но, Милошевиќ сакаше само ‘Голема Србија’, за која стекна следбеници и во Хрватска и во Босна и Херцеговина“, вели Лазовиќ „Скратена Југославија“ за него не била опција, бидејќи наместо цела Република Хрватска, таа требало да ги вклучи нејзините окупирани делови – т.н. Книнска Краина и западна Славонија.
Први март 1992 година беше пресвртница во модерната историја на Босна и Херцеговина. Референдумот за независност означи крај на една ера и почеток на нова, со сите предизвици што следеа – од зачувување на независна БиХ до Дејтонска реорганизација на државата.