До 15 часот на изборите во Косово гласале 17,36 отсто од гласачите

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI
EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI


Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) соопшти дека на парламентарните избори во Косово и Метохија до 15 часот има излезност од 17,36 отсто од вкупниот број гласачи запишани во избирачките списоци.

Според извештајот на ЦИК, од 1.970.944 запишани избирачи, до 15 часот гласале 342.104 граѓани.

Во Косово денеска се гласа во 941 избирачки центар и 2.533 гласачки места. Гласањето почна во 7, а завршува во 19 часот. 

На деветите парламентарни избори во Косово од прогласувањето на независноста учествуваат 28 политички субјекти, од кои 20 политички партии, пет коалиции, две граѓански иницијативи и еден независен кандидат. Има и шест политички субјекти од српската заедница.

Според предизборните анкети и очекувањата на политички аналитичари, главната изборна битка ќе се води меѓу Движењето Самоопределување на Албин Курти, Демократската лига на Косово на Лумир Абдиџику, Демократската партија на Косово на Мемли Красниќи и Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај.

Собранието на Косово има 120 пратенички места, од кои 20 се загарантирани за припадниците на малцинските заедници. Српската заедница има 10 пратенички места, бошњачката заедница има три, турската заедница има две, ромската (заедницата РАЕ) има четири, а Горанската заедница има едно пратеничко место. Изборниот праг изнесува пет проценти.

Зачлени се на нашиот е-билтен