Додик: Изгледам ли како бегалец?

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, денеска одржа прес-конференција во Источно Сараево, еден ден по обидот за негово апсење во зградата на Владата на РС од страна на припадници на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА).

Додик изјави дека кризата во Босна и Херцеговина е системска:

„Во БиХ не се почитува Дејтонскиот договор, ниту Уставот. Бошњачките партнери им дозволија на странците да шират лажен наратив дека РС и нејзините функционери го прекршуваат Дејтон. Шмит е фашист. Дојде со фашистички методи, без легитимитет. Бошњаците го прифатија неговиот авторитет, а тоа ѝ штети на БиХ.“

Тој додаде:

„БиХ нема да го преживее ова. Нас не претставуваат како виновници, како ѕверови кои треба да се апсат – тоа е неприфатливо. РС нема да го прифати тоа. Имаме 49% од територијата. Ако некој мисли дека може да нè игнорира, тоа е нивен проблем. Имаме решение – нека Федерацијата го процесуира Шмит. Ние сакаме да му судиме, да го затвориме. Ако дојде во РС – ќе го уапсиме. Решението е јасно: Шмит надвор, неговите одлуки надвор.“

Според него, целата ситуација најмногу ја поткопува самата идеја на Босна и Херцеговина:

„Ова е инструментализирано против нас. Судот и обвинителството не постојат во Уставот. Работевме под принуда. Ниту еден висок претставник нема овластување да наметнува закони. РС никогаш не донела одлука со која ги прифаќа тие институции.“

Говорејќи за настаните од претходната вечер, додаде:

„Оваа ситуација најмногу ѝ штети на концепцијата на БиХ. Нашите полицајци си ја вршеа својата работа. Се појавија тројца кои се претставија како инспектори од СИПА – без документи. Кога рекоа дека имаат налог, нашите им кажаа дека тоа не е место за нивно дејствување. Не е природно Србите да се предаваат. Не можете да го уапсите претседателот на еден ентитет така. Да ви изгледам како бегалец? Еве ме тука. Патувам за Москва. Бегам, па пак се враќам.“

На крајот, Додик упати и нови навреди кон високиот претставник Кристијан Шмит, откако беше објавена одлуката со која се запираат буџетските средства за партијата СНСД и Ујединета Српска:

„Како е можно другите партии да добиваат средства, а ние не? Ние сме парламентарна партија. Јас платата ја добивам по пошта, не преку партијата. А кога станува збор за обезбедувањето – тоа значи дека сум важна личност. Да се плашев, немаше да бидам овде. Обезбедувањето се организира според проценката на полицијата.“

Зачлени се на нашиот е-билтен