Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ескобар очекува од Приштина конкретен предлог за ЗСО до 2 мај и САД ќе ги признаат изборите на Косово

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар изјави дека очекува од Приштина до 2 мај да има владин предлог за Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО), за кога е најавена средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Брисел, јави дописникот на МИА од Белград.

Ескобар во интервју за албанскиот сервис на Гласот на Америка рече дека се надева дека „до 2 мај ќе има конкретен предлог“, додавајќи дека има напредок по ова прашање и исклучителна еволуција во ставот на косовската влада, особено на премиерот, да ја прифати оваа законска обврска.

„Тоа е постоечка обврска од Бриселскиот договор, и беше многу тешко оваа влада и партијата да ја прифатат како задолжителна. Но, сега тоа го доживуваат како обврска, се согласија со тоа и јавно кажаа каква треба да биде рамката и параметрите на оваа заедница. И ние се согласуваме со овие параметри“, рече Ескобар.

Тој изјави дека САД ќе ги признаат неделните вонредни избори во четирите општини во северно Косово, дури и ако Српската листа ги бојкотира, оценувајќи дека бојкотот не ги дефинира изборите.

„Поканивме и јас лично ги замолив Србите, Српска листа, да учествуваат и да не се откажуваат од својата улога. Тоа што не учествуваат е нивна одлука. Но, тоа е предвидено со Уставот. Има непополнети позиции. Има луѓе кои не добиваат услуги од локалната самоуправа затоа што нема учество. Значи, ако овие избори бидат слободни и фер, а јас предвидувам дека ќе бидат, резултатот ќе биде легитимен од наша гледна точка“, рече Ескобар.

Зачлени се на нашиот е-билтен