Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЕУ испраќа дополнителна помош за гаснење на пожарот кај Александруполис

ЕУ преку својот Механизам за цивилна заштита реши во Грција да испрати романски противпожарен тим, како и два авиони за гаснење пожари од Кипар, со цел да помогнат во справувањето со огнената стихија кај Александруполис, соопшти денеска Европската комисија.

Во соопштението се посочува дека се очекува во текот на денот во Грција да пристигне романскиот тим составен од 56 пожарникари и 10 возила. Од претходно, во Грција е присутен и француски противпожарен тим. 

По повод испраќањето дополнителна помош, еврокомесарот за справување со кризи Јанез Ленарчич посочи дека Грција се соочи со „најлош јули кога станува збор на шумските пожари од 2008 година“.

– Пожарите беа поинтензивни и поопасни, уништувајќи повеќе области од претходно. Пожарот кај Александруполис уништи повеќе домови и иницира евакуација на осум села. Брзиот одговор на ЕУ е уште еднаш суштински и им благодарам на Кипар и Романија што им помогаат на грчките пожарникари кои веќе работат на теренот, рече Ленарчич.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, дополнителната помош од ЕУ за Грција следи откако минатиот месец во рамки на Механизмот за цивилна заштита на Унијата во земјата беа испратени девет авиони за гаснење пожар, 510 пожарникари и 117 противпожарни возила, а преку системот „ЕУ Коперник“ се врши и сателитското мапирање за проценка на штетите предизвикани од пожарите.

– Комисијата останува во постојан контакт со грчките власти преку својот Координативен центар за одговор при итни случаи и е подготвена да мобилизира дополнителна помош доколку е потребно, се додава во соопштението на Еврокомисијата.

Пожарникарите веќе трет ден се обидуваат да го стават под контрола пожарот во близина на Александруполис во североисточниот дел на Грција, а континуираниот силен ветер дополнително ја отежнува битката со огнената стихија. 

Портпаролот на противпожарна служба на Грција Јанис Артопиос за грчката телевизија Опен рече дека во гаснењето интервенираат над 214 пожарникари, како и десет авиони и седум хеликоптери од кои еден е за координација.

Зачлени се на нашиот е-билтен