Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска објави нови планови за дополнителни санкции против Москва, откако рускиот претседател Владимир Путин не отпатува во Турција за да преговара со Украина.
- Работиме на нов пакет санкции, рече фон дер Лајен, пред состанок на европските лидери во Тирана.
Овие мерки ќе бидат додадени на санкциите одобрени од земјите на ЕУ претходно оваа недела. Тие треба да вклучуваат санкции за Северен тек 1 и 2, листа на повеќе бродови од таканаречената руска флота во сенка, намалување на ограничувањето на цената на нафтата и повеќе санкции за финансискиот сектор, рече фон дер Лајен.
- Сакаме мир и затоа мораме да го зголемиме притисокот врз претседателот Путин додека не биде подготвен за мир, додаде таа.
Гасоводот Северен тек 1 доставуваше руски гас во Европа до летото 2022 година, пред да биде оштетен од експлозии. Северен тек 2 никогаш не беше пуштен во употреба, пренесува ДПА.
Портпаролка на фон дер Лајен објасни дека можните санкции за гасоводите би биле „за да се одврати секаков интерес, а особено интерес од инвеститорите, за продолжување на каква било активност на Северен тек и во иднина“.
- Ако преговорите не напредуваат, Европа мора да биде подготвена силно да дејствува со нови санкции и уште поголема поддршка за Украина, рече финскиот премиер Петери Орпо.
Тој додаде дека ЕУ треба да работи заедно со САД за нови санкции.
Американскиот републикански сенатор Линдзи Греам минатиот месец предложи закон за потенцијално далекусежни санкции доколку Русија одбие да преговара за мировен договор со Украина.
Данската премиерка Мете Фредериксен изрази поддршка за плановите, велејќи дека ќе предложи да се разгледаат „банките и нафтата, и секако, флотата во сенка“.
Естонскиот премиер Кристен Михал ја нагласи опасноста што ја претставуваат бродовите на флотата во сенка кои пловат по Балтичкото Море во близина на естонскиот брег.
Бродовите, често недоволно осигурени и со нејасна сопственост, и помагаат на Москва да ги избегне западните ограничувања на цената на нафтата. Тие се сметаат за безбедносна и еколошка опасност.
Британскиот премиер Кир Стармер, чија земја повеќе не е членка на ЕУ, во Тирана рече дека сојузниците на Украина „ќе дејствуваат заедно во однос на санкциите“ доколку не дојде до прекин на огнот.
- Затоа е навистина важно да имаме апсолутно единство со нашите сојузници, нагласи тој.
- Мислам дека она што го видовме вчера и преку ноќ е уште еден доказ дека Путин не е сериозен за мирот. Тој одолговлекува, додаде Стармер.
Повеќе од 40 лидери, вклучително и украинскиот претседател Володимир Зеленски, отпатуваа во албанската престолнина за шестиот состанок на Европската политичка заедница (ЕПЗ).
Во коорганизација на албанскиот премиер Еди Рама и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, лидерите разговараат за безбедносните предизвици, иновациите и економската отпорност, како и за миграцијата и можностите за младите.
Ова е прв голем самит на германскиот канцелар Фридрих Мерц откако ја презеде функцијата минатата недела.
Се очекуваше Мерц да се сретне со унгарскиот премиер Виктор Орбан и турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган на маргините на самитот. Војната во Украина исто така најверојатно ќе биде дискутирана на овие состаноци.
ЕПЗ беше иницирана од францускиот претседател Емануел Макрон по рускиот напад врз Украина за да се поттикне дијалог и соработка меѓу европските земји надвор од границите на Европската Унија и без помпезноста на државните посети.
Лидерите на ЕПЗ првпат се состанаа во октомври 2022 година во Прага, а последно се собраа во Будимпешта во ноември 2024 година. Русија и Белорусија не се поканети на собирите.