EXIT го напушта Нови Сад: Фестивалот заминува од Србија поради политички притисоци

По четврт век постоење како симбол на слобода, младинска енергија и културна поврзаност, фестивалот EXIT најави дека годинашното издание ќе биде последното што ќе се одржи во Србија. Причината, според организаторите, се сериозните притисоци и ускратена поддршка од институциите откако фестивалот јавно ја поддржа студентската борба за демократски промени во земјата.

„Сметаме дека слободата нема цена. Затоа, јубилејното издание на EXIT ќе биде последното во Србија, каде што, за жал, слободата на говор се задушува“, стои во соопштението на фестивалскиот тим.

EXIT, основан како студентско движење за мир и слобода во 2000 година, со години важеше за еден од најзначајните културни настани во регионот. Неговиот придонес во меѓународната промоција на Србија, туризмот и младинската култура е потврден и со бројни европски признанија.

Сепак, според организаторите, минатогодишната поддршка на студентските протести довела до отворени притисоци и укинување на целокупното кофинансирање од јавните институции, без кое одржувањето на фестивалот е економски неодржливо.

„Иако знаеме дека сме добредојдени во многу земји, им должиме последен танц на нашата публика на Петроварадинската тврдина“, порачуваат од EXIT. „Ова ќе биде најемотивното и најнезаборавното издание досега.“

Фестивалот ќе се одржи од 10 до 13 јули во Нови Сад, како симболично збогување по 25 години музика, заедништво и активизам. Организаторите најавуваат незаборавен настан што ќе се памети како прослава на слободата, а не како крај.

„EXIT не е само фестивал – тоа сме сите ние што веруваме во подобро утре. Ако ова е последниот EXIT во Србија, нека биде најсилниот досега.“

Зачлени се на нашиот е-билтен