Exit ќе го објави новото место по овогодишното јубилејно издание

Оваа година се одбележува 25-годишнината од фестивалот Exit, но организаторите објавија дека ова ќе биде последниот фестивал што ќе се одржи во Србија. Причината, како што велат, е тоа што откако јавно застанале на страната на студентите и нивната борба, им било целосно ускратено јавното кофинансирање од сите нивоа на власт.

Во врска со тоа каде Exit би можел да се одржи од следната година, Огњен Томашевиќ, во име на организацијата, изјави дека одлуката ќе се донесе по завршувањето на овогодинешниот фестивал, најдоцна до крајот на летото.

„Exit не е единствениот кому му е ускратено финансирањето. Тука се и Академијата за уметности во Нови Сад, Стеријино позорје, Фестивалот на еколошки театар, како и многу издавачи,“ истакна Томашевиќ.

Тој додаде дека е неприфатливо буџетот на граѓаните да се користи како дисциплинска алатка:

„Овие пари не се на луѓето кои управуваат со државата, туку се пари на сите граѓани на Република Србија. Културата и уметниците мора гласно да кажат дека не смее да се казнува културната сцена затоа што некој има различно мислење или слобода на размислување.“

Томашевиќ потсети дека Exit произлегол токму од студентското движење и дека од самите почетоци го поддржува активизмот и демократските вредности.

„По трагичниот настан во Нови Сад, упативме апел преку социјалните мрежи за утврдување одговорност и транспарентна работа на институциите. Блокадите што следуваа беа еден од главните барања на студентите, а ние застанавме покрај нив – онлајн, на социјалните мрежи и преку конкретни активности.“

Exit 2025 — последен во Србија?

Овогодинешниот Exit фестивал ќе се одржи од 10 до 13 јули на Петроварадинската тврдина, а по него ќе следува одлуката за новата локација на фестивалот.

Зачлени се на нашиот е-билтен