Филхармонијата на Северна Македонија денеска гостува во Солун

Филхармонијата на Северна Македонија денеска ќе гостува во Солун каде што ќе настапи на заедничка изведба на сценската канатата „Кармина Бурана“ од Карл Орф со Софиската филхармонија и Државниот симфониски оркестар од Солун. 

Настанот ќе се одржи од 21 часот во концертната сала во Солун. Диригент ќе биде Михалис Иконому од Грција, а како солисти ќе настапат нашата сопранистка Ана Дурловски, бугарскиот баритон Иво Јорданов и контратенорот Николас Спанос од Грција.

Ова ќе биде втора изведба на „Кармина Бурана“ по премиерата во Софија во февруари.

По повод изведбата, Филхармонијата наведува дека „Кармина Бурана“ е едно од најголемите музичко-сценски дела што има статус на музички „бестселер“ на 20 век и дека „со своето извонредно влијание врз слушателите, „Кармина Бурана“ ги освои срцата на сите генерации“.

-Композиторот Карл Орф го создаде ова иконично дело, инспирирано од средновековната поетска антологија „Codex Buranus“. Премиерата во 1937 година во Германија предизвика сензација и го означи почетокот на светскиот триумф на оваа кантата. „Кармина Бурана“ во себе обединува антички текстови, волшебни мелодии и моќни ритми. Вклучувајќи хор, солисти, богата оркестрација и сценско дејство, делото раскажува за кревкоста на човечката судбина, за радостите на пролетта, за бурните љубовни страсти и за задоволствата кои ги носи животот, соопштија од Филхармонијата на Северна Македонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен