Седницата на бугарското Народно собрание денеска беше прекината по сериозен инцидент во пленарната сала, откако дојде до физичка пресметка меѓу двајца пратеници. Во судирот биле разменети удари со раце и нозе, а причините за ескалацијата засега не се официјално разјаснети.
Според достапните снимки од салата, конфликтот започнал со вербална расправија меѓу Ѓунај Далоолу од ДПС – Нов почеток и Радостин Василев од партијата МЕЧ. По размената на остри и навредливи зборови, расправијата прераснала во физички инцидент, при што Василев го удрил Далоолу со нога во пределот на градите и се обидел да зададе удар со тупаница, кој не завршил со контакт.
Други пратеници веднаш реагирале и застанале меѓу двајцата, спречувајќи понатамошна ескалација. Претседателката на парламентот, Раја Назарјан, по инцидентот прогласи пауза и ја прекина седницата.
Во моментот на тепачката, од говорницата се обраќал министерот за енергетика Жечо Станков, кој го прекинал својот говор и ја известил претседателката дека во салата има физички конфликт меѓу пратеници.
Настанот предизвика бурни реакции во бугарската јавност и повторно ја отвори дебатата за политичката култура и безбедноста во највисокото законодавно тело на земјата. Засега нема официјални информации дали ќе бидат преземени дисциплински мерки против пратениците инволвирани во инцидентот.