Герапетритис: Западен Балкан треба да се третира со врвен приоритет – европското семејство е единствениот пат

Фото: МНР на Грција

Западен Балкан треба да се третира како врвен приоритет. Постои само еден пат, кон европското семејство, посочи министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во неговиот говор на настанот организиран од Националниот и Каподистриски универзитет во Атина, насловен „Грција пред современите меѓународни предизвици“, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија говореше за надворешната политика на земјата, а се осврна и на регионот, посочувајќи дека Западен Балкан за нив „не е само физичко соседство“, туку во моментов е „во фокусот на интерес од многу причини“.

– Првата и најважна причина е затоа што „бактеријата“ на национализмот што низ времето постои во овој регион се чини дека повторно оживува. Нема поголема закана од еден потиснат национализам што излегува на површина во средина на минско поле. Поради оваа причина, Западен Балкан треба да се третира како врвен приоритет. Постои само еден пат, кон европското семејство. Ова е втората причина за Западен Балкан. Треба да биде во нашиот радар. Бидејќи во моментов, како и во многу други делови од светот, Западниот Балкан е поле во кое се развива притисок од држави кои се борат за вршење влијание. И не е секогаш легитимно влијание. Гледаме дека има интервенции, дури и во изборните процеси. Хибридната закана со употреба на вештачка интелигенција е нешто што ги менува правилата на играта, истакна Герапетритис.

Посочи дека Западен Балкан заедно со Африка, делови на Азија и Латинска Америка се области „каде што има многу странски интервенции“, а тоа ја поткопува демократијата, но и правилата на меѓународното право.

Паралелно говорејќи за надворешната политика, неколкупати ја истакна важноста на почитувањето на меѓународното право, но и порача дека „не може да се замисли насилно менување на границите“.

Зачлени се на нашиот е-билтен