Европската унија мора недвосмислено да порача дека Западен Балкан ќе стане дел од европското семејство – вклучително и Србија, иако таму евроскептицизмот е најсилно изразен во регионот. Ова го пишува германскиот дневен весник TAZ (Tageszeitung), кој предупредува дека Европската унија мора истовремено поодлучно да се спротивстави на „автократското владеење“ на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Весникот потсетува дека Западен Балкан уште на самитот во Солун во 2003 година добил ветување за членство во ЕУ, но дека 22 години подоцна регионот и понатаму тапка во место со бесконечни ракувања, празни ветувања и минимален напредок.
TAZ истакнува дека германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, во рамки на турнејата низ Балканот повторно го отворал прашањето за одложеното проширување. Според весникот, за Унијата нема дилема дека регионот географски и политички припаѓа во Европа, но интеграцијата носи ризици: економска слабост, висока корупција, заостанување во областа на човековите права, како и нерешени структурни проблеми.
Во Брисел, пишува TAZ, постои и страв дека Романија и Бугарија биле примени прерано, поради што сега владее поголема воздржаност кон нови проширувања.
Особено се издвојува случајот на Србија. Весникот наведува дека српските граѓани се најкритички расположени кон ЕУ само 38% би поддржале членство – дека државата е формално неутрална, но блиска со Русија, а во исто време е набљудувач во воениот сојуз ОДКБ предводен од Москва.
„Претседателот Александар Вучиќ владее автократски. Ако таква земја стане членка на ЕУ, тоа би можело да создаде уште поголеми проблеми од оние што денес ги создава Унгарија“, пишува TAZ.
Сепак, весникот поставува важно прашање: колку долго Вучиќ ќе биде на власт? Потсетува дека во Србија од минатата година редовно се одржуваат масовни протести иницирани од младите. Според TAZ, токму тоа е голема можност за ЕУ и знак дека српското општество бара промени.
Германскиот дневник заклучува дека Унијата мора јасно да покаже дека европската перспектива е реална и извесна за сите земји од регионот, но и дека политичарите како Вадефул мора постојано да истакнуваат дека ЕУ може да функционира само ако се почитуваат европските вредности.
„Европа постои само заедно со своите принципи,“ пишува TAZ.

