Германскиот гигант Рајнметал ќе гради фабрики за оружје во Бугарија

Hajotthu, CC BY-SA 3.0 , via Wikimedia Commons

Бугарија е важна земја за Германија, но и за Рајнметал. Врските и односите што ги имаме се должат на нашите лични врски. Заедно со Бугарија, Рајнметал ќе изгради најмалку две фабрики во Бугарија.

Ова го изјави извршниот директор на најголемиот одбранбен концерн во Европа, Рајнметал, Армин Папергер, за време на средбата со лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, во Диселдорф, пренесуваат денеска бугарските медиуми.

Борисов информираше дека Европската комисија е информирана за двата проекта и дека средствата од бугарската држава се гарантирани.

Првата од фабриките ќе биде за артилериски гранати, каде што заеднички ќе произведуваме над 100 илјади полнења во Бугарија, рече и Армин Папергер.

Според него, идното заедничко вложување – за барут и артилериски гранати, е исклучително важен елемент за муницијата што ќе се произведува во Бугарија според стандардите на НАТО, што исто така ќе придонесе за позиционирање на Бугарија во НАТО и во светот.

„Заедно, бугарската влада и Рајнметал ќе остварат заедничка инвестиција во производството на овие исклучително важни елементи во вредност од над 1 милијарда евра. Ова е само почеток на многу успешна и идна соработка“, рече Армин Папергер.

Бојко Борисов додаде дека во следните 3 недели треба да се подготват договорите за заедничкото вложување.

„Фабриката за барут ќе биде голема колку две германски фабрики, најголема во Европа“, рече и Борисов и изрази благодарност до „Рајметал“ за изборот на локацијата на ВМЗ за идната фабрика.

Лидерот на ГЕРБ повтори дека фабриката за гранати од 155 мм е исклучително важна и за бугарската армија и за цела Европа. Целта е 100 илјади единици капацитет за фабриката.

Борисов изрази благодарност до најголемиот одбранбен концерн за инвестирањето во Бугарија и најави дека се работи на следната фабрика, за која медиумите ќе бидат информирани кога ќе се финализираат разговорите. Се дознава дека ќе биде за производство на беспилотни летала.

Зачлени се на нашиот е-билтен