Компанијата Stellantis стана првиот голем производител на автомобили што реагираше на новите американски царини – и тоа драстично. Поради одлуката на Трамп за воведување дополнителни 25% царини на увезените автомобили, Stellantis привремено го запира производството во две свои фабрики – во Виндзор, Канада, и Толука, Мексико.
Како што соопштија од компанијата, производството во фабриката во Онтарио ќе биде прекинато на две недели, додека погонoт во Мексико целосно ќе запре во текот на цел април. Двете мерки стапуваат на сила од понеделник.
Овој потег ќе има сериозни последици за работниците – дури 4.500 вработени во Канада ќе бидат погодени од прекинот, додека во САД околу 900 работници кои ги поддржуваат тие погони, привремено ќе останат без работа. Во Мексико, работниците ќе доаѓаат на работа, но нема да склопуваат возила, во согласност со договорите.
– Принудени сме веднаш да реагираме и да го прилагодиме работењето на новонастанатата ситуација – порача Антонио Филоса, претседател на Stellantis North America, во внатрешна порака до вработените. Тој нагласи дека компанијата ги проценува долгорочните последици од царините и дека паралелно соработува со сите релевантни чинители – од влади и синдикати, до добавувачи и дистрибутери во САД, Канада и Мексико.
Во фабриката Windsor Assembly се произведуваат Chrysler Pacifica и новиот електричен Dodge Charger Daytona, додека во мексиканскиот погон се склопуваат Jeep Compass и новиот Jeep Wagoneer S EV.
Филоса признава дека моментот е полн со неизвесност, но порачува дека Stellantis останува фокусиран на стабилноста на бизнисот, иако сè уште трае потрагата по нов генерален директор.
(Telegraf Biznis/CNBC)