Граничниот премин Богородица – Евзони од 18 часот е целосно затворен за сообраќај, откако грчките земјоделци поставија блокада на грчка територија како дел од нивниот штрајк.
Прекинот важи за сите категории возила, а колони се веќе формирани на македонската страна од границата. Состојбата во моментов е непроменета и не се знае кога преминот би можел повторно да биде отворен.
Надлежните институции упатуваат апел до граѓаните и превозниците да го избегнуваат овој граничен премин и да користат алтернативни патни правци, додека трае блокадата. Најавено е дека јавноста ќе биде навремено информирана за сите промени во режимот на сообраќајот.

