Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Грчката божиќна кошничка оваа година поевтина за 3 проценти од лани

Цените на производите од „Божиќната кошничка“, објавена од Министерството за развој на Грција, годинава се пониски за 3% во споредба со лани, објави грчкиот Институт за истражување на малопродажба на стоки за широка потрошувачка (ИЕЛКА), пренесува новинската агенција АНА.

Истражувањето ги анализираше цените во големите синџири супермаркети во декември 2024 година, вклучувајќи продукти како јагнешко, козјо и мисиркино месо, празничните лепчиња цуреки, новогодишната пита и чоколадо.

Според наодите, просечната цена на кошничката паднала од 44,90 евра во 2023 година на 43,55 евра во 2024 година. Забележани се намалувања кај мисиркиното (-7,9%), пилешко (-5,9%), свинско (-5,6%), јагнешко (-3,9%) и козјо (-2,2%). Единствено чоколадото поскапело за 11% поради глобалниот раст на цените на какаото.

Дополнително, истражувањето покажува дека секој супермаркет нуди различни производи во својата верзија на кошничката, што ја нагласува важноста од споредување на цените за најдобра зделка.

И покрај порастот на цените на некои производи, падот на просечната цена на Божиќната кошничка претставува олеснување за грчките потрошувачи во време на економски предизвици, нудејќи мал, но значаен поттик за домашниот буџет за време на празниците.

Зачлени се на нашиот е-билтен