Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Грчката полиција трага по нарачателот на убиството на новинарот Карајваз

Грчката полиција, по уапсените две лица за учество во убиството на новинарот Јоргос Карајваз пред две години, трага по моралниот сторител, односно нарачателот на убиството, според портпаролката на полицијата Константина Димоглиду, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи за грчката телевизија ЕРТ, Димоглиду рече дека полицијата истражила над 300 видео снимки за убиството на новинарот, а истрагата продолжува.

„Очигледно е дека постоеле и соучесници, но она што ја интересира полицијата е да го пронајде моралниот сторител. Постојат информации за тоа какви контакти имал конкретниот новинар, бидејќи кога еден новинар се занимава со организиран криминал не може да добива информации само од полицијата. Очигледно има контакти и со некои криминалци. Но, мора да има доволно докази за да се обвини некое лице“, рече портпаролката на грчката полиција.

Таа објасни дека станува збор за кривични дела зад кои стојат професионалци, а сторителите се трудат да не остават никакви траги зад себе и да не направат грешка.

„Токму затоа полициската истрага траеше толку долго“, истакна Димоглиду.

Грчката полиција, како што веќе објави МИА, во петокот уапси две лица за учество во убиството на Карајваз, кој пред две години беше застрелан пред неговиот дом во атинска населба.

Од полициската истрага произлегло дека сторителот на убиството на Карајваз заедно со уште едно лице за да побегнат користеле мотор, како и комбе, кое всушност припаѓа на компанија во која одговорен бил еден од уапсените.

Дополнително, полицијата открила дека моторот и комбето биле видени претходниот ден на иста релација, во исто време и на истата локација со убиството.

Карајваз, кој беше убиен на 9 април 2021 година, беше познат и искусен новинар, кој долги години следеше црна хроника и покриваше теми поврзани со полицијата, криминалот, грчката мафија, за истите теми имаше информативен портал, а паралелно работеше во претпладневна информативна емисија на телевизијата „Стар“.

извор: МИА

Зачлени се на нашиот е-билтен