Грчки дипломатски извори: Важна утрешната средба Герапетритис- Муцунски, Северна Македонија е клучен сојузник за нас

Министерство за надворешни работи на Грција, By A.Savin - Own work, CC BY-SA 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=27397527
Министерство за надворешни работи на Грција, By A.Savin – Own work, CC BY-SA 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=27397527

За нас, Северна Македонија е клучен сојузник и директен и важен сосед, брифираат високи грчки дипломатски извори во пресрет на утрешната работна посета на Атина на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и средбата со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис, јави дописничката на МИА од Атина.

Високите дипломатски извори нагласија дека утрешната средба е навистина важна средба, но и дека Герапетритис и Муцунски имаат развиено „исклучително функционални односи“, дека имаат редовна комуникација и во обид, како што рекоа, да ги ограничат потенцијалните тензии по изборите кај нас.

Истите извори брифираа дека Атина е поддржувач на Скопје, објаснувајќи дека Грција во пракса го покажа тоа и на ниво на цивилна заштита со пожарите, но и по трагедијата во Кочани и дека ќе продолжи со поддршката.

Како што соопштија претпладнево од Министерствата за надворешни работи на двете земји средбата Герапетритис – Муцунски е закажана за 12 часот по локално време, а два часа подоцна шефовите на дипломатиите ќе дадат изјави за медиумите.

Герапетритис и Муцунски во Грција се сретнаа и на почетокот на април годинава на маргините на Економскиот форум во Делфи, додека пак утрешната работна средба во Атина е прва посета на шефот на македонската дипломатија на грчката метропола. 

Зачлени се на нашиот е-билтен