Земјоделците ширум Грција, кои веќе една седмица протестираат со паркирани трактори на различни локации, денеска ги интензивираат своите активности со нови блокади. Во моментов се активни повеќе од 20 блокади на гранични премини, главни патни правци, автопати и патарини низ целата земја.
На копнените граници, кон Северна Македонија, Бугарија и Турција, стотици трактори периодично го затвораат сообраќајот, при што премините се блокираат секој ден во различни интервали.
Блокадата на „Евзони“, организирана од земјоделците од областа Пеонија и градот Јаница, е активна од минатиот понеделник, со учество на над 300 трактори. Преминот се затвора неколку часа по 12 часот по локално време и повторно во попладневните часови по 18 часот. Очекувањата се дека истата динамика ќе продолжи и денес, иако секоја одлука земјоделците коишто протестираат ја носат на дневна основа.
Како централна точка на протестите се издвојува блокадата кај Никеа, во близина на Лариса, на автопатот Солун – Атина. Сообраќајот таму е пренасочен по споредни патишта, а за денеска е најавено затворање и на нив помеѓу 17 и 19 часот, како дополнителна мерка на притисок.
Во среда, земјоделците од три различни блока во Тесалија ќе се упатат кон Волос, со намера да го блокираат пристаништето.
Блокади има и на автопатот Е65, кој ги поврзува Ламиа, Кардица и Трикала со автопатот Егнатија. Во северна Грција, долж целата траса на Егнатија – од запад до исток – се поставени повеќе протестни точки, а земјоделските блокади веќе се проширија и на Пелопонез и Крит.
Во Солун активни се неколку блокади: на патот кон аеродромот, кон Халкидики и на патарините на излезот од градот кон Атина.
Премиерот Кирјакос Мицотакис вчера повторно ги повика земјоделците на дијалог, нагласувајќи дека Министерството за земјоделство останува отворено за разговори. Тој додаде дека „радикалните форми на протест, како блокадите, можат да создадат притисок, но значително го отежнуваат секојдневието на граѓаните“.
Протестите започнаа на 30 ноември, како реакција на зголемените производствени трошоци, ниските откупни цени и скандалот со европските земјоделски субвенции. Главното барање на земјоделците е исплата на заостанатите субвенции и намалување на трошоците за производство.
Засега не се знае до кога ќе траат блокадите. На неколку локации протестантите поставија и новогодишни елки, испраќајќи симболична порака дека доколку е потребно, празниците ќе ги поминат на улица.

