Грчкиот парламент изгласа закон со кој целосно им се забранува користењето на социјалните мрежи на децата помлади од 15 години. Новите законски одредби стапуваат на сила на 1 јануари 2027 година, а целта е заштита на менталното здравје и безбедноста на малолетниците.
Одлуката на грчките пратеници следува по зголемената загриженост на институциите и јавноста за негативните ефекти од платформите врз психофизичкиот развој на најмладите.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изјави дека технолошките компании и платформите имаат рок од два и пол месеци да воспостават функционален систем за верификација на возраста, кој истовремено ќе гарантира заштита на приватноста на корисниците.
Грција е меѓу седумте земји членки на Европската Унија кои заедно со Европската комисија развиваат технички механизми за утврдување на возраста на интернет.
Од владата во Атина посочуваат дека мерката претставува поддршка за родителите во борбата против дигиталната зависност и континуираното прегледување содржини на телефоните. Властите предупредуваат дека ваквите навики кај децата доведуваат до нарушување на сонот, намалување на концентрацијата и поголема изложеност на штетни содржини.
Грција не е единствената држава што се одлучува на ваков чекор. Сличен закон претходно донесе Австралија, со што стана првата земја во светот со ригорозни ограничувања за малолетници на социјалните платформи, додека во Франција уставниот суд претходно укина слична законска иницијатива.

